Прва седница на Државниот совет за превенција од малолетничко престапништво  
     
 

27.11.2009

 
 

 (МИА) - Државниот совет за превенција од малолетничко престапништво, кој меѓу другото треба да носи Национална стратегија за справување со овој проблем и да влијае на преземање активности и мерки, но и законски измени кои ќе ја превенираат малолетничката деликвенција, денеска ја одржа својата прва конститутивна седница.

Како што појасни по денешната прва седница министерот за правда Михајло Маневски, Државниот совет има надлежност да донесува Национална стратегија за превенција на малолетничко престапништво, да дава иницијативи за подобрување на законските решенија и мислења за предлози на закони од значење за заштитата на правата на малолетниците и спречување на малолетничкото претстапништво,  да соработува со меѓународни тела и организации.

- Советот ќе соработува со државните органи, невладини институции и други организацији за заштита на малолетниците од улица, наркоманија, питачење или оддавање на други недозволени дејства. Значи, Советот е столб на тоа што во иднина треба да значи превенција и заштита од малолетничка деликвенција. Тоа значи дека се гарантира оти во иднина ќе се преземаат поефикасни мерки, истакна Маневски.

За заменик шефот на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје Форух Фојузат воспоставувањето на Советот е огромен исчекор во спроведувањето на Законот за малолетничка правда.

- Не станува збор само за давање одговор кон проблемите што  ги има детето при влегување во конфликт со законот, туку преземање мерки кои се потребни да се спречи таков конфликт. Превенцијата е многу поефикасна отколку самиот третман по починувањето на делото, рече Фојузат.

Професорот Владо Камбовски, кој инаку учествувал во изработката на Законот за малолетничка правда од кој произлегува формирањето на Советот, смета дека тој со својот авторитет треба да влијае на креирањето на политиката на државните институции во преземањето законски и други активности.

- Ова, според мене можеби е најзначајна реформа во правниот систем, бидејќи ништо не треба да биде позначајно од создавањето правна, институционална и друга основа за превенција на деликвенцијата и другите социјално патолошки појави и ќе даде гаранција дека младата генерација ќе биде заштитена од злата што ја погодуваат, истакна Камбовски.

Државниот Советот за превенција од малолетничко престапништво е самостоен и независен орган составен од 15 членови од избрани од страна на Собранието на Република Македонија, со мандат од пет години со право на повторен избор. Основањето на Советот произлегува од Законот за малолетничка правда кој е донесен 2007 година, а стапи на сила 30 јуни оваа година.

Седум члена на Државниот совет ги предлага министерот за правда, осум се избрани по пат на јавен оглас, а од редот на избраните членови се избира претседател со мандат од две години. Покрај Државен совет треба да се основаат и совети на општините и градот Скопје. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk