Регионална конференција за практичната примена на Законот за прекршоци и регионалните искуства  
     
 

04.12.2009

 
 

 (МИА) - „Практична примена на Законот за прекршоци и регионални искуства“ е тема на  регионалната конференција што, денеска и утре, во организација на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, а во соработка со Министерството за правда и Проектот на Светска банка, се одржува во Скопје.

- Заради успешно, ефикасно и ефективно спроведување на прекршочната постапка, а со цел позитивно да се делува врз сторителите на прекршоци во смисла на нивно превентивно и ресоцијализирачко вклопување во општеството во Законот за прекршоците од 2006 година се овозможи прекршочната постапка освен пред надлежните судови да се одвива пред орган на државната управа или организација, истакна на отворањето на конференцијата министерот за правда Михајло Маневски.

При примената на Законот за прекршоци, како што посочи тој, се воочени непрецизности и недоречености во дел од законските одредби со што во пракса ја отежнуваат имплементацијата на Законот.

- Поради тоа Министерството за правда и Академијата за обука на судии и јавни обвинители организираа обуки за прекршочните комисии кои се надлежни за спроведување на прекршочната постапка и изрекување прекршочни санкции, кои обуки успешно беа спроведени и се покажаа како добар инструмент за овозможување на доследно применување на Законот во пракса од страна на прекршочните органи, рече Маневски.

Говорејќи за статистичките податоци посочи дека годинава од вкупно 28 судови како прекршочни предмети се заведени вкупно 111.995, од кои решени се 65.059 предмети, додека бројот на застарени предмети изнесува 18.918 кои се слеани како број од претходните години.

Министерот за правда информира дека се работи на измени и дополнувања на Законот за прекршоци и оти тоа би требало да заврши на почетокот на следната година.

- Ќе се преиспитаат  одредбите од Законот во однос на застареноста на гонењето за најтешките прекршоци, за забрзување на постапката, а интенција е да има што поголем број мандатни казни, затоа што тие се поефикасни и веднаш делуваат, рече Маневски.

Директорот на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија, Анета Арнаудовска,  истакна дека согласно препораките на Европската комисија Академијата во 2008  ја презеде обврската за спроведување обуки за едукација на членовите на прекршочните комисии. - Минатата и оваа година се спроведени вкупно 26 обуки на кои присуствувале околу 550 учесници, додаде таа.

Заменик-амбасадорот на Холандија Герд Кампман рече дека реформите на кои Република Македонија се обврза за квалитетност и независност на судовите претставуваат критериум за влез во ЕУ, бидејќи, како што додаде, тие се важни за македонските граѓани и за инвестициската клима.

Тој рече дека Холандија од пред две години финансира проекти во Македонија кои се однесуваат на реформите во правосудството, а чија финансиска конструкција изнесува 2.5 милиони евра.

На конференцијата учествуваат членови на прекршочните комисии, судии на Управниот суд и претставници од Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора, кои ќе разменат искуства поврзани со прекршочната постапка и давање насоки за подобрување на имплементацијата на Законот за прекршоци.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk