Залар: Проблемите и компромисите се реалност во евроинтеграцијата, не не значи дека треба да се продаде името и идентитетот  
     
 

09.12.2009

 
 

 (МИА) - Ниедно вклучување во ЕУ не е без проблеми. Кога Словенија се вклучуваше во Унијата имаше проблеми и мораше да се согласи со еден компромис т.н. „шпански компромис“, тоа е политичка реалност, но тоа не значи оти некој ќе го продаде своето име и идентитет, односно тоа што е најзначајно за една држава.

Ова го изјави словенечкиот министер за правда г. Алеш Залар  по денешното потпишување Меморандум за соработка со неговиот македонски колега Михајло Маневски.

Залар рече дека Словенија ќе продолжи да ја поддржува Македонија во евроинтеграциите. Им порача на македонските власти периодот додека не биде одреден датумот за преговори да се искористи најпродуктивно и да се продолжи со реформите.

- Македонија направи голем напредок во областа на правосудството и доби позитивни оценката од Еропската комисија. Словенија континуирано и цврсто ја поддржува Македонија за вклучување во европските интеграции и заради овие настојувања постигната е либерализација на визниот режим, рече словенечкиот министер за правда.

Маневски истакна дека недобивањето датум  за почеток на преговорите не треба да ја обесхрабрува Македонија.

- Ние и во иднина ќе продолжиме да работите на реформите, иако и овој пат Грција стави брана пред Европа за македонското интегрирање во Унијата. Македонија ќе добие датум за преговори и ќе стане членка на ЕУ, но тоа нема да биде по цена да го изгубиме нашиот идентитет и да бидеме обезличени, рече Маневски и  изрази уверување дека Македонија ќе ги надмине и овие тешкотии, ќе добие датум и ќе стане членка на ЕУ и НАТО.

Министрите за правда на Македонија и Словенија денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете министерства во делот на подготовката на законите и подзаконските акти, во усогласувањето на внатрешното законодавство со европското, модернизација на правосудниот систем, дејствувањето во меѓународните организации, образование и осопособување на правосудството, како и извршување на кривичните санкции.

Залар го покани Маневски следната година да ја посети Словенија за да проверат како функционира потпишаниот Меморандум.

Словенечкиот министер за правда денеска одржа предавање од областа на медијацијата во Академијата за обука на судии и јавни обвинители во Скопје.

На новинарско прашање што презема државата за борба против корупцијата, Маневски одговори дека се создадени инстутуции и легислатива која треба да обезбеди поефикасна заштита на граѓаните да не бидат жртви на корупцијата.

- И во извештајот на Европската комисија позитивно се оценети напорите на Македонија во борба против корупцијата. Пред нас се големи ангажирања затоа што борбата против корупцијата е континуиран процес и бара мерки кои треба да ги заштитат граѓаните од оваа појава, нагласи Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk