Презентиран Завршниот документ од Универзалниот периодичен преглед  
     
 

11.12.2009

 
 

(МИА) - Во организација на Канцеларијата на Обединетите нации во Скопје и Министерството за правда, а по повод Денот на човековите права, денеска беше презентиран Завршниот документ од Универзалниот периодичен преглед.

Универзалниот периодичен преглед (УПР) е нов механизам за човекови права востановен во 2006 гидина и предвидува разгледување на состојбата на човековите права во сите земји членки на ОН од страна на нив самите.

Како процес воден од државите во рамките на Советот за човекови права, тој дава можност секоја држава да соопшти што има сторено за да ја подобри состојбата и да ги исполни своите обврски за човекови права.

Во Извештајот е заклучено дека крајната цел е да се подобри состојбата на човековите права во сите земји и да се најде решение за повредите на човековите права каде и да се случиле.

- Република Македонија остварува заштита, почитување и унапредување на човековите права, преку институционално-правна рамка и бележи постојан напредок, истакна на презентацијата министерот за правда Михајло Маневски.

Човековите права, како што посочи тој, се универзални и неотуѓиви и поради тоа и понатаму ќе се работи на имплементација на правната рамка со цел за усогласување со меѓународните стандарди во оваа област.

- Со донесувањето на Законот за бесплатна правна помош, кој е во второ читање во Собранието на Република Македонија се обезбедува остварување на уште едно многу значајно човеково право, а тоа е пристап до правдата за најзагрозенита социјална група на граѓани, рече Маневски.

Според него, неопходно е јакнење на соработката на владините институции со невладиниот сектор и меѓународните организации.

Во забелешките од Извештајот е наведено дека земјите треба да продолжат со реформите на судскиот систем, да ги подобрат условите во казнено - поправните установи и да воведат програми за ресоцијализација за да се осигура реинтегрирањето на затворениците во заедницата и да се намали ризикот од нивното повторно кршење на законот.

На презентацијата се обрати и постојаниот координатор на Обединетите нации и претставник на УНХЦР, Карлос Малдонадо. 

Презентација на министерот Михајло Маневски –целосен текст

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk