Средба Маневски – г-ѓа Шерон Хансон Купер советник на Премиерот за анти – корупција  
     
 

18.12.2009

 
 

              Министерот Маневски денеска  се сретна со  г-ѓа Шерон Хансон  Купер советник на Премиерот за анти - корупција  - Проект за анти - корупција, Фонд за стратешки програми на обединетата Европа.

             На  средбата министерот Маневски се осврна на неодамнешниот   извештај на ЕУ  каде што е позитивно оценета борбата против корупција во Република Македонија. Но активностите не престануваат тука истакна Маневски, напротив тие продолжуваат понатаму со континуирана активност на сите институции.

              Што се однесува до легислативата нагласи Маневски, донесен е Законот за спречување на корупцијата, како и неговите измени со кои се воведува систем на евиденција на имотот на функционерите. Со измените на  Законот за спречување на судир на интереси, рече Маневски,  се воведе обврска за секое именувано или избрано лице да се поднесе изјава за интереси. Основано е посебно Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, како и посебен оддел во Основниот суд кој ќе ги следи тие дела.

            Во септември 2009 година го донесовме и Кривичниот законик во кој се внесени  одредби од 10 конвенции и препораки  на Советот на Европа. Воведени се нови кривични дела забрана на вршење на должност за службено лице и проширена конфискација  како и измама на штета на Европските фондови  и нови кривични дела за јавните набавки .Во исто време подготвен е Акционен план за обука на судии, јавни обвинители и адвокати   рече  Маневски.

            Г- ѓа Купер изрази задоволство од соработката и нагласи дека таа продолжува особено на полето на едукација заедно со Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

           

           Таа нагласи дека борбата против корупцијата е интегрален процес, и не е успешна кога се води на поединечно ниво. Потребна е координација на сите институции за да се даде придонес во борбата против корупцијата нагласи г-ѓа Купер.

            Министерот Маневски со честитки за божиќните и новогодишните празници се заблагодари на интересот и посетата на г-ѓа Купер, и се заложи за продолжување на соработката.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk