МИА Иинтервју со министерот за правда Михајло Маневски  
     
 

30.12.2009

 
 

Како ја оценувате работата на Министерството за правда во текот на изминатава година?

- Министерството за правда во 2009 година оствари значителни чекори напред во реализирањето на судските реформи што позитивно беше оценето и во извештајот од Европската комисија. Напредокот во реформите значи јакнење на самостојноста и независноста на судовите, спречувањето на корупцијата и организираниот криминал, како и преземените мерки на планот на остварувањето на фундаменталните човекови права.

Пред три недели беше извршена презентација на достигнувањата на Македонија во реализацијата на фундаменталните човекови права за што од претставникот на Обединетите нации добивме пофални зборови. Тоа е уште еден поттик за примена на поефикасни мерки за заштита на човековите права, согласно препораките на Европската конвенција за човекови права и останатите меѓународните документи од овој аспект.

Во доставените извештаи за Македонија во Обединетите нации во Њујорк и во Женева ги прикажавме постигнатите резултати кои беа многу добро оценети во остварувањето на планот на малцинските и на човековите права, што се должи пред се на донесувањето на нови закони, како што се Законот за правата на малите етнички заедници и Законот за употребата на јазиците.

Со измените во Законот за народниот правобранител, омбудсманот се дефинира како национален превентивен механизам за заштита на човековите права на лицата на кои слободата на движење им е ограничена, (во затворите, болниците, специјалните заводи). Народниот правобранител со измените добива овластување да може да врши посета, надзор и контрола без најава во овие институции, со цел да провери како се остваруваат човековите права.

Со Законот, меѓу другото се предвидува во канцеларијата на народниот правобранител да се отворат посебни одделенија за заштита на децата, за заштита на лицата со инвалидност, за спречување на дискриминација и одделението за остварувањето на уставните определби за соодветна правична застапеност.

Дали во работата на судовите се чувствуваат реформите?

- Резултатите од реформите се чуствуват во работата на основните судови каде продолжува тенденцијата на намалување на бројот на новопримените предмети.

Ако во основните судовите во Македонија во 2006 година биле примени нови 837.999 предмети, заклучно со ноември годинава во судовите се примени 536.761 предмет, што претставува намалување на новопримените предмети за 301.238 предмети, односно за 36 проценти.

Големото намалување на новопримените предмети се должи на тоа што согласно меѓународните документи дел од работата од судовите ќе се пренесат во надлежност на други органи, односно извршните предметите ќе се пренесат на извршителите, а оставинските предмети на нотарите.

Во судовите сега има околу 450 илјади предмети кои се однесуваат токму на издадени платни налози врз основа на неплатени комунални услуги. Од овие налози најголемиот број се однесуваат на електродистрибуцијата, каде отпаѓаат повеќе од половината и комуналните трошоци како што се водарина и комунална хигиена.

Што е со долгите стечајни постапки? Дали се преземаат мерки за нивно поефикасно решавање?

- Големо внимание е посветено и на намалување на стечајните предмети. Ако во почетокот на 2006 година имало околу 5.002 нерешени стечајни предмети, заклучно со ноември оваа година има околу 970 предмети или намалување за 81 отсто. Стечајните постапки не треба да траат со години. Има уште такви постапки кои траат, но се преземаат мерки тие да бидат разрешени бидејќи од долгите постапки трпат граѓаните, трпат работниците кои останаа без платени придонеси, без егзистенција, односно се наоѓаат во тешка социјална положба. Ќе се настојува и понатаму стечајните постапки да се спроведуваат многу поефикасно и многу побрзо затоа што долгите постапки никому не му користат.

Меѓународни инструменти, па и сите наши закони бараат од судовите судските постапки да се решаваат во разумен рок, бидејќи разумен рок за судски процес не се пет, осум или 15 години.

Што предвидуваат измените на Законот за судовите?

- Измените на Законот меѓу другото предвидуваат доколку биде донесена пресуда од Европскиот суд за човекови права или од Врховниот суд на Република Македонија за повреда на правото на судење во разумен рок тоа да биде во делот на потешките дисциплински повреди доколку е резултат за неангажирањето на судијата, а тоа ќе биде во рамки на Судскиот совет.

Измените во Законот предвидуваат при изборот на судиите да може да се земат предвид елементите што треба да значат гаранција за остварување на судската функција, а тоа меѓу другото значи да се воведат и психолошки тестови за судиите. Тоа го внесуваме во Законот на судовите со тоа што ќе се пропишат правилата во рамките на надлежностите на Судскиот совет за начин на кој ќе се реализира, а покрај тоа се предвидени се и измени во делот на унапредување на судиите при изборот за работа во повисок суд каде критериум ќе биде и оценката на судиите.

За подобрување на работата во судовите во тек е реновирање и опремување на девет судови со проширена надлежност, се воведе интернет во сите судови и сите судови имаат и веб страници на кои се објавуваат судските пресуди.

На почетокот на наредната година ќе почне изградбата на новиот кривичен суд во Скопје, кој ќе има капацитет од 8.200 метри квадратни, а ќе има судница за 200 лица и кабинети за судиите.

Законската рамка, капацитетот на судовите, изборот и едукацијата на судиите и она што треба да значи функција на судовите од аспект на материјалното финансирање.

Дали е предвидено укинување на помалите судови?

- Не е предвидено укинување на судови со помала надлежност, како што се судовите во Крушево, Ресен, Кратово, Крива Паланка, Кавадарци и Дебар, затоа што граѓаните кои живеат во тие места се навикнати да ги вршат работите во тие судови. Но со измените на Законот за судовите се предвидени и измени во тој правец. Тие судови досега имаа надлежност да решаваат имотни спорови до 15.000 евра, а сега ќе имаат и до 50.000 евра. Голем број од предметите кои се решаваа во судовите со проширена надлежност, сега ќе останат во помалите судови, затоа што е оценето дека има капацитети во овие судови, но и од причина да се растоварат поголемите судови од големиот број предмети.

Од 1 јануари следната година треба да почне имплементацијата на Законот за матична евиденција. Дали се исполнети условите за негова примена?

- Во текот на оваа година беа преземени подготвителните работи кои се однесуваа на преземање на вработените за водење на матичните книги и тоа дел од МВР, а дел од Министерството за правда. Адаптирани се нови простории во зградата на „Нова Македонија“, каде е сместена Управата за матични книги, а е извршена и потребната едукација на вработените, па според тоа очекуваме успешно спроведување на ова законско решение.

Од март 2010 година, меѓу другите стапуваат во сила измените на Кривичниот законик, на Законот за државни службеници, на Законот за спречување на судир на интереси, а дефинирана е и изјавата за судир на интереси која треба да ја поднесат сите службени лица во рамките на институциите во кои се вработени.

Колку лица од Македонија се бараат со екстрадиција и дали има статистички податоци за тоа?

- Постојано се зголемува бројот на лицата што се екстрадираат. Од 39 во 2006, 51 во 2007, 59 во 2008, а за деветте месеци од оваа година бројот изнесува 35 лица.

Поголем претставува бројот на лицата што се екстрадираат од странство во Македонија, отколку обратно. Тоа се лица кои ја напуштиле државата иако не била завршена казнената постапка или пак побегнале од државата и се бараат со потерници.

На планот на екстрадицијата не се забележуваат никакви проблеми, се се одвива  во рамки на Европската конвенција за екстрадиција и во рамките на Законот за кривична постапка на Република Македонија.

Одреден проблем претставува екстрадицијата на лица со двојно државјанство, бидејќи тоа се користи и за други цели, односно за избегнуавње на казнена одговорност и извршување на казната.

Такви неколку случаи има и во Македонија. Тие лица умешно го користат двојното државјанство за да ја одбегнат казнената одговорност во Македонија, а се осудени за одредени казнени дела. Се надевам дека во рамките на меѓународните прописи, но и во домицилните законодавства ќе биде уредено прашањето за двојното државјанство да не може да се користи како можност за одбегнивање на казнената одговорност.

Колку сте задоволни од предвидените средства од Буџетот за 2010 година кои се однесуваат за судството?

- Не може да се каже дека судството е целосно задоволно од финансирањето, но за поздравување е определба на Владата да се обезбеди фиксна стапка во Буџетот на судската власт, со што се внимава да не се доведе во прашање работата на овие институции. Судовите треба на почетокот на годината да знаат со какви средства располагаат и во рамките на тие материјални средства да ги преземаат активностите што треба да значат остварување на функцијата на судовите.

Генерално состојбата со финансирање на судовите е задоволителна со оглед на глобалната економска криза.

И покрај конкретните мерки за подобрување на условите во затворите од меѓународните институции има забелешки за условите во КПУ „Идризово“.  Што се презема на тој план?

- Министерството за правда направи голем исчекор во подобрување на условите во казнено-поправните установи, но сеуште останува отворено прашањето за најголемиот затвор „Идризово“ каде е предвидено во средината на 2010 година да почнат активности за изградба на нови простории, затворено одделение, полуотворено одделение и отворено одделение, тренинг центри и центри за здравствена заштита.

Објектот „Идризово“ е многу стар има поминато над 80 години откако е изграден и сите вложувања за подобрување на условите би биле залудни затоа што тоа неможе да ги доведе во ситуација да ги задоволи критериумите и стандардите. Затоа ние се определивме целосно да изградиме нов објект и во КПД „Идризово“, а ќе го доградиме и затворот во Куманово, ќе изградиме нов воспитно поправен дом во Тетово каде е најдена локација и веќе се подготвува проект и целосно ќе го реновираме постојниот дел од затворот „Шутка“ во Скопје, каде ќе ги урнеме постоечките објекти за да изградиме нови бидејќи стариот дел  постои веќе 45 години.

Овие работи се предвидени да се реализират со кредит од Банката за развој на Советот на Европа во висина од 50 милиони евра и со учество на средства од Буџетот на Република Македонија за санирање на состојбите во казнено поправните установи, бидејќи овој проблем неможе веќе да се одлага и за што има забелешки и од меѓународната заедница.

Инаку, кон крајот на 2008 и во текот на 2009 година изградени се или реновирани нови капацитети за околу 680 осудени лица, но тоа секако не е доволно затоа што се забележува пренатрупаност во затворите.

Што ќе биде приоритет на Министерството за правда за следната година?

- Министерството за правда направи план со мерки и активности кои ќе ги преземе во наредната година за заокружување на правната рамка во функција на политичкиот и во судскиот систем, како и во органите на управата. Ќе посветиме внимание пред се на доградбата на правната рамка, на јакнење на капацитетите на институциите во вршење на функциите, на спречувањето на организиран криминал и корупцијата, на јакнењето на капацитетите на судовите, односно на пополнување на судовите со определен број на судски места согласно одлуката на Судскиот совет, како и на прашањето за едукација на судиите во рамките на Академијата на обука на судии и јавни обвинители.

Наредната година ќе биде година во која ќе ја зокружуваме правната рамка и ќе ја посветиме на следење на имплементацијата на законите, а тоа е особено значајно затоа што законите сами по себе неможат да ги изменат состојбите. Состојбите можат да се сменат само тогаш кога законите ќе бидат имплементирани соодветно.

Сега веќе почнуваме со имплементација на акцискиот план за имплементација на Кривичниот законик, во кој воведовме елементи на нови институти, како што е проширената конфискација одговорноста на правните лица, посебни кривични дела кои се однесуваат на заштита на делата за корупција и организиран криминал каде воведовме мерка за забрана на вршење на дејности или должност при осудата на кривично дело примање и давање поткуп, како и во случај кога сторителот е осуден на најмалку шест месеци затвор задолжително да му се изрече мерка за забрана за вршење на одредено занимање.

Со измените на Кривичниот законик се предвидува секое лице кое ќе стори дело против изборите и гласањето доколку биде осудено на казна затвор од најмалку шест месеци облигаторно му се изрекува мерка забрана за вршење на должност или забрана за вршење на одредено занимање од една до десет години.

На самиот почеток на 2010 година ќе стартуваме со ставање во процедура на Законот за кривична постапка, на кој се работеше две години. Во ова законско решение се додаваат сосема нови елементи што значи пренесување на истрагата од истражниот судија на јавниот обвинител, додавање на нови институти како што се признавање на вината, казненото испрашување, роковите за извршување на процесни дејствија, значи се она што треба да значи законски претпоставки за ефикасна примена на одредбите од казненото законодавство што треба да значат заштита на правата и слободите на граѓаните.

Според агендата во текот на следната година во текот на 2010 година меѓу другото ќе се работи и на донесување и на закон за вештачење, на закон за проценител итн.

МИА - Даниела Маркоска - Алексовска

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk