Интервју на министерот за правда Михајло Маневски, за Вечер: Никој не може да ми го оцрни образот  
     
 

06.01.2010

 
 

Колку сте задоволни од реформите што ги спроведе Министерството за правда во текот на изминатата 2009 година. Што е најголемо достигнување за оваа институција?

- 2009 година е година кога е направена пресвртница. Што се однесува до работата на судството во земјава, направени се големи чекори во реализација на судските реформи и во остварување на функцијата на судовите, јакнење на нивната ефикасност и независност, што е оценето и во извештајот на ЕК. За првпат ЕК оценува дека е постигнат напредок во остварување на судските реформи, во самостојноста и независноста на судството, а изборот на судиите и обвинителите се врши од двата независни совети. Има доволно показатели кои илустрираат дека во 2009 година е постигнат голем напредок во судството. Еден таков индикатор е фактот дека во сите првостепени судови се бележи значително намалување на приливот на нови предмети. Во земјава речиси нема граѓанин кој не е тужител или не е тужен. Во 2006 година биле примени 83.990 нови предмети, а во 2009 година за 11 месеци биле примени 536.761 предмет. Во судовите, пак, имаме намалување на предметите за 301.229 предмети, што е огромен број на предмети што не се повеќе во фиоките на судиите. Споредено со 2006 година, бројот на нерешени предмети е намален за 177.745 или некаде за околу 21%. Најголем прогрес има постигнато кај стечајните предмети. На почетокот на 2006 г. имало 5.000 нерешени предмети, а на крајот на 2009 година бележиме околу 970 нерешени предмети, што значи намалување за 81%. Ова е многу значајно за создавање бизнис-клима во земјава, при што Македонија очекува ново рангирање на листата земји во кои се создава бизнис-клима. Имаме подобрување и во однос на застарените предмети и долгото траење на судските постапки. Во септември 2008 година имало 10.370 застарени предмети во кои постапката траеше дури и до 10 години. Но по преземањето на активностите од страна на судовите за намалување на заостанатите предмети, тој број е сведен на само 3.200 предмети или има намалување за околу 70%. Имаме судови кои целосно ги совладаа старите предмети и сега бројката од 3200 наспроти на онаа од 10.370 е многу мала. Според истражувањето на УСАИД довербата на граѓаните во судството се враќа. Во март 2008 година 72 отсто од граѓаните имале доверба во судството. Во ноември истата година тој процент се зголемил на 79 отсто, а последното истражување во март 2009 година бележи 82 отсто доверба на граѓаните.

Преземавте и некои конкретни чекори во однос на заостанатите предмети, за кои дадовте рок до кога да бидат расчистени? Го исполнија ли судиите она што го баравте од нив? Дали можеби некој беше казнет поради непочитување на Вашата одлука?

- Многу погрешно бев сфатен кога зборував за казни за судиите. Јас немам намера да се мешам во работата на судовите. Тоа беше заедничка одлука на сите претседатели на судовите и очигледно дека имаме евидентни резултати. Судскиот совет покренува постапки за некои предмети кои траат премногу долго и се преземени соодветни мерки. Неодамна е покрената постапка за еден судија кој не го зел предметот во работа повеќе од пет години. Друг судија, пак, пет години чекал да реши неколку прекршочни предмети, поради што настапила апсолутна застареност. Според измените кои се планираат на Законот за судовите се предвидува доколку судијата последователно во рок од осум месеци не постигнува очекувани резултати, тогаш судот е задолжен да го извести Судскиот совет за тоа, а Советот ќе одлучи дали и какви мерки ќе преземе.

И според ЕК и според Судот за човекови права Македонија има проблем со судење во неразумен рок. Што ќе преземе Македонија за да го надмине ова?

- Планираме законски измени со кои се предвидува испитување на состојбата кога ќе се добие пресуда на Европскиот суд за човекови права, каде што државата на одреден начин ќе биде санкционирана да плати определен надомест на штета на граѓанинот кој се жалел пред овој суд заради неразумно траење на постапката. Доколку се оцени дека судијата од неоправдани причини ја влечел таа постапка толку долго, Судскиот совет во рамките на неговите овластувања ќе бара соодветна одговорност. Исто така, се внесува новина пред изборот на судија да се спроведат одредени тестови на интегритет, како и психолошки тестови. Исто така, за судии можат да бидат избрани доколку познаваат еден странски јазик, да имаат 300 кредити, односно да имаат завршено според Болоњскиот кредит-трансфер систем, по новиот систем за судии може да биде избран само некој кој има завршено студии од пет годни, бидејќи кандидатите кои имаат завршено три години ги немаат поминато клучните предмети кои се однесуваат на функцијата на судовите и постапките.

Споменавте дека има големо подобрување во работата на судството, но, сепак, во извештајот на ЕК судството и јавната администрација се најкритикувани поради корупција, непрофесионалност и зависност. Каде лежи главниот проблем поради кој секоја година судството е најкритикувано?

- Во извештајот на ЕК има препораки за понатамошни постапки. Судството е еден фактор чија законска регулатива постојано се надградува, се бара постојано јакнење на независноста на судството и, секако, дека препораките се и понатаму да се продолжи со одредени мерки и активности и со спроведување на постапките во разумен рок заради јакнење на самостојноста на оваа институција. Се бара и растоварување на судовите од одредени предмети кои можат ефикасно да се решаваат на друг начин, а не во судските инстанци. Во прв план е препораката за решавање на спорот по пат на медијација, предвидување измени на Законот за медијација и дадовме прирачник за препознавање на случаите кои можат да се решаваат по пат на медијација, имаме неколку договори за обезбедување материјални средства за спроведување на некои кампањи. Во Законот за кривична и во Законот за парнична постапка се предвидува да нема диктирање од страна на судијата, туку записниците да се прават врз основа на аудиовизуелен запис. Така и Апелацискиот суд ќе може да ја види атмосферата во судницата, ќе може да го слушне точно исказот на странките, со што се зголемува транспарентноста на работата на судиите, а истото ќе се случи и со граѓанските предмети. Доколку овој разговор го правевме во 2008 година ќе зборувавме дека нема доволно компјутери во судовите, нема интернет, но сега состојбата е сосема поинаква. Сите судии имаат интернет, имаат веб-страници и јавно се објавуваат пресудите. Досега се објавени над 8.600 пресуди, што е голем прогрес во функционирањето на судскиот систем. Ова не беше лесно да се направи, многу напори вложивме во изминатите две години за да ја зголемиме транспарентноста на работењето на судиите. Работата на судиите е на отчет пред граѓаните. Од 1 јануари во сите судови судските досиеја и уписниците се водат електронски, за што обучивме 2.200 судски службеници и судии.

Но медијацијата во Македонија никако да заживее?

- Уште од самиот почеток се постави некоја брана, се ставија високи тарифи за медијација. На прмер, во Србија медијаторите цела година работеа без пари за да можат граѓаните да научат што е медијација, да видат дека тоа е во нивни интерес. Медијацијата не значи долга постапка, туку напротив куса и евтина постапка. Кај нас тарифникот на медијаторите беше речиси ист како и тарифникот на адвокатите. Додека да заживее таа медијација, мора да биде попристапна. Сега ќе спроведеме кампања, со новиот Закон таа се поставува на друг начин. И во Законот за парнична постапка предвидуваме судска медијација, односно судијата кога ќе ја добие тужбата да ја упати странката на алтернативно решавање на спорот. Треба да се постигне спогодба во рок од 45 дена, а во спротивно ќе се започне со судска постапка. Предвидуваме и медијација за кривичните дела, но само за полесните прекршоци. Во Законот за парнична постапка се предвидуваат одредени рокови, како на пример рочитешто да мора да се закаже во рок од 30 дена, подготвително рочиште да се закаже во рок до 45 дена од поднесување на тужбата, да има рокови за вештачење.

Новина е оценката на судиите. Годинава повеќето поминаа со позитивни оценки. Дали значи тоа дека Судскиот совет бил помек во оценувањето или навистина сите судии заслужуваат позитивна оценка?

- Па не дека сите судии поминаа со позитивни оценки, но има добар дел коишто беа позитивно оценети. Ова е прва оценка и секако дека сега Судскиот совет влече определени искуства, но се направи голем чекор во тој правец и сега со Законот за судскиот совет ќе вградиме критериум за унапредување на судијата врз основа на оценката што ќе ја добие. Нема да може да се унапреди судија кој би имал негативна оценка.

Годинава предвидувате да изградите нова зграда за Кривичниот суд. Колку ќе чини зградата и какви услови ќе добијат судиите?

- Во новата година почнуваме со објавување тендер за изградба на новата зграда за Кривичниот суд во Скопје со пари од Светската банка и од Буџетот на РМ и ќе чини 6 милиони евра, од кои 5 милиони ќе бидат од Светската банка, а еден милион од Буџетот. Новата зграда ќе има 8200 м2, со големи судници со капацитет од 200 луѓе, ќе имаме судници со капацитет за 100 луѓе, судници за 35 луѓе, како и 70 до 80 судски кабинети. Планирана е библиотека, посебни простории за осудените лица. Во оваа зграда ќе биде сместен и Одделот за организиран криминал, а изградбата треба да заврши за околу две години. 2010-та ја започнуваме со објавување на тендер за изградба на зградата, како и за внатрешно уредување. Судниците ќе бидат со аудиовизуелна опрема и по сите европски стандарди.

Во 2009 година реновиравме и комплетно опремивме 9 суда, тоа се Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Струмица, Штип, Велес и Кочани, а сега отпочнаа работите во Основните судови Куманово и Битола.

Во изминатиов период многу големи корупциски скандали паднаа на Апелација. Бучковски, Тупурковски, Змиско око се само дел од случаите кои одат на повторно судење. Дали тоа значи дека се судело врз основа на недоволно поткрепени докази?

- Со оглед на мојата функција јас не би ги коментирал судските одлуки, но можам да кажам дека ако некоја судска постапка е укината, не значи дека обвинението е неосновано. Тоа значи дека второстепениот суд заклучил дека се створени одредени повреди во првостепената постапка, но доколку високиот суд нашол дека не е правилно утврдена фактичката состојба и дека обвиненијата се неосновани, тој ќе донесе поинаква пресуда, но во овие случаи се работи за повторување на постапката, а не за носење ослободителна пресуда. Јас само се согласувам со јавниот обвинител дека укинати пресуди не значат дека обвиненијата се неосновани. Овие случаи само покажаа дека судството е самостојно и независно и одлучува само врз основа на факти и докази. Доколку Владата вршеше притисок врз судството немаше да има вакви пресуди.

Постапката против Дума не е поврзана со Бучковски

Се шпекулира дека барате разрешување на судијката Виолета Дума по носењето на одлуката за случајот Бучковски?

- Не е точно дека моето барање е поднесено по донесувањето на пресудите. Тоа беше многу пред носењето на одлуката за Бучковски, барав да се преиспита нејзината работа поради постапувањето во еден предмет, неколку месеци пред одлуките за Бучковски, за Змиско око и други предмети кои се наведуваат. Секој член на Судскиот совет има право да поднесе иницијатива, а Судскиот совет носи одлука во согласност со Законот.

Колку сте задоволни од работата на обвинителите? Некои звучни имиња во Обвинителство минатата година беа разрешени, а конкурсите поминуваат со слаба заинтересираност?

- Подолго време јавните обвинители беа оставени на страна. Со носењето на новиот Закон за јавно обвинитлство и со изборот на новите кадри, оваа институција почна поинаку да функционира. Функционира Советот за јавни обвинители, што го продолжи манадатот на 143 јавни обвинители, а на некои јавни обвинители не им го продолжи мандатот поради исполнување на услови за пензија или пак заради нестручно и несовесно постапување. Сега работите во јавното обвинителство се менуваат на многу подобро, се јакне функцијата на јавниот обвинител во систем, тој добива доминантна положба во Кривичната постапка во прибирањето на доказите. Со новиот Закон за кривична постапка јавниот обвинител ќе биде човек кој ќе ја спроведува истрагата. Јавниот обвинител ќе обвинува, ќе прибира докази, ќе поднесува обвинение, а судот ќе суди. Ние сме една од последните земји кои на ваков начин го уредува законодавството.

Ќе се намали тарифникот на извршителите

По наплатата на сметките за радиодифузија преку извршители, граѓаните почнаа да негодуваат дека тарифникот за награда на извршителите е превисок. Дали постои можност да се намали тој тарифник?

- Неодамна имав состанок со претставници на Комората на извршители на кој разговаравме токму на оваа тема. Договоривме да се видат можностите за измени на Законот за извршување, токму поради реакциите за превисоките суми коишто им се земаат на граѓаните. Имаше еден пример кога за едно извршување од 3.000 денари, трошоците достигнеле до 16.000 денари. Ваквите случаи беа повод да разговараме за тарифникот, што го има донесено Комората за извршители во 2006 година, а министерот за правда дал согласност. Сега очекуваме повратна реакција од Комората за извршители, тарифникот да го донесе министерот за правда во согласност со извршителите. Но морам да потенцирам дека со воведувањето на извршителите во системот се извршуваат 50 отсто од судските пресуди, за разлика од 21 процент пред постоењето на извршителите. Имаше случаи кога на граѓаните им се земале по цели плати, но со тоа се поставува прашањето со што тој граѓнин ќе го преживее месецот. Поради тоа се прави ограничување да може да се наплати само една четвртина од платата, а извршувањето да биде на рати.

Дел од медиумите годинава имаа желба постојано да бараат некоја афера поврзана со Вас. Земјиштето, пензијата се само дел од работите кои беа споменати. Која е причината што бевте интересен лик за медиумите годинава?

- Само некои медиуми почесто се занимаваа со мене, извадија една афера дека земам и плата и пензија, што апсолутно не е точно, јас и ден денеска не сум ги зел тие 22.000 денари, кои наводно ми следувале, ниту сум имал намера да ги земам. Затоа јавниот обвинител веќе ја отфрли таа пријава која беше спектакуларно поднесена, бидејќи ништо не беше утврдено. Потоа од нафталин се извади некое земјиште од пред повеќе од 20 години, што е апсолутно не е точно, бидејќи тоа не се засновано на никакви реални факти, бидејќи не постои никакво правосилно решение кое може да биде меродавно. Во сето ова се гледа определена тенденција кај некои кои на одреден начин мислат дека можат да сменат дел од работите, вадејќи некакви афери со оглед на тоа дека Министерството за правда врши значајни работи и постигнува големи работи. Тоа никому не му годи и реагира на овој начин. Но за мојата личност не можат ништо да најдат, не можат да го оцрнат мојот образ. Јас сум 40 години во судството и никакви 5 или 6 илјади денари не ми значат ништо. Тоа се муабети од одредени политички побуди и одредени политички кулоари. Размислував дали да поднесам тужба, особено кога еден новинар застана пред една куќа и кажа дека тоа е куќата во која живеам. Јас таму не живеам 15 години, а ниту пак имам таква палата каква што тој покажа. Тука се гледаше неговата тенденција. Потоа имаше коментари од типот уф каква куќа", а воопшто не стануваше збор за моја куќа. Но во мојот работен век и во мојот живот, што се прилично долги, никого не сум тужел и иако имаше елементи за казнено гонење, решив да не се занимавам со тоа.

Поголем дел од работите веќе ги споменавме, но што е она што ќе биде приоритет на Министерството за правда во текот на оваа година?

- И годинава продолжуваме интензивно со судските реформи, со понатамошно јакнење на независноста и самостојноста на судството. Од 1 јули воведуваме најзначајна реформа кога сите извештаи и предемти ќе одат во надлежност на нотарите и извршителите, во согласност со измените на Законот за парнична псотапка. Истото ќе се случи и со платните налози. Нив ќе ги издаваат нотарите, а доколку странката не приговара, извршителите ќе ја извршат наплатата, доколку пак има приговор, ќе се оди со судска постапка. Имаме огромен број вакви предмети некаде околу 450 до 500.000 предмети. Но, сега откако УСАИД ни дава поддршка во извршувањето на овие предмети, гледаме дека некаде околу 250.000 предмети се по основа на неплатена електрична енергија, вода, комунални услуги и други такси. За 82 отсто од тие случаи граѓаните воопшто не се известени за тоа дека имало поднесено платен налог и тие не можат да бидат на штетата на граѓаните, не може да се дозволи тие да платат каква било камата. Тие предмети застаруваат за многу кусо време, па со новиот Закон треба да се заштитат и доверителите кои бараат да си ги наплатат своите побарувања, но и граѓаните кои не се должни да платат нешто за што не ни биле известени. Годинава, ќе се посветиме и на затворскиот систем каде што ќе отпочне реализацијата на програмата за комплетно уредување на затворите и изградба на нови капацитети. Очекуваме средства од Банката за развој на Советот на Европа, некаде околу 50 милиони евра. Ќе се градат наполно нови капацитети во Идризово, ќе се изгради нов казнено-поправен дом во Тетово, ќе се реновира затворот Скопје" и ќе се догради затворот во Куманово. Долго време го одолговлекуваме ова прашање и крајно време е тоа да биде разрешено. Секогаш се викало дека ова може да почека, но веќе нема време за чекање.

Билјана ЗАФИРОВА

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk