Врачени повелби за вршење нотарска и извршителска функција  
     
 

27.01.2010

 
 

МИА - На 20 нотари и 12 извршители кои ги исполниле законските одредби денеска им беа врачени повелби за вршење на нотарската односно извршителската функција. Со новоименуваните нотари вкупниот број на подрачјето на Македонија изнесува 161, а вкупниот број на извршителите со денешните новоименувани изнесува 78 лица.

            Министерството за правда, како што истакна на денешното доделување на повелбите министерот Михајло Маневски, посветува големо внимание на унапредување на нотарската и извршителската служба особено при подготовките на законите каде што се настојува судовите да се растоварат од вонсудски предмети.

            Развојот на нотаријатот и извршувањето како јавни овластувања, како што нагласи тој, треба да бидат во функција на полесно решавање на потребите на граѓаните и поефикасно остварување на нивните права.

            Според Правилникот за бројот и распоред на нотарите во Македонија, утврдено е дека бројот на службените седишта на нотарите изнесува 219, а бројот на извршителите 132 распоредени во 11 подрачја на основните судови врз основа на надлежноста на основните судови утврдено со Законот за судови.

           Министерот за правда Михајло Маневски посочи дека паралелно со зголемувањето на надлежноста на нотарите се зголемуваат и потребите на граѓаните.

           Откако беа врачени повелбите и извршителите и нотарите се обврзаа дека чесно, совесно и одговорно ќе ја вршат својата професија, министерот Маневски се заблагодари и им посака успех во понатамошната работа.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk