Прес – конференција - Презентација на Предлог - закон за инспекциски надзор  
     
 

29.01.2010

 
 

На денешната прес-конференција во Министерството за правда министерот Михајло Маневски ги презентираше новините во Предлог-законот за инспекциски надзор.

Функционирањето на инспекциските служби истакна министерот Маневски, е од исклучителна важност за успешното остварување на надлежностите на извршната власт како и за  имплементирањето на прописите од страна на сите субјекти на кои тие прописи се однесуваат. Инспекциските служби треба да придонесат  за доследно извршување на законите во функција на заштита на слободите и правата на граѓаните нагласи Маневски.

Образложувајќи го  предлог-законот министерот Маневски рече дека организацијата и постапувањето на инспекциските служби   според постојната регулатива во Република Македонија е уредено со материјалните закони со кои се регулира работата на одделните инспекциски служби, а како супсидиерен пропис во постапувањето на инспекциските служби се применува Законот за општата управна постапка. Меѓутоа непостоењето на системски закон со кој ќе се регулираат сите аспекти на постапувањето на инспекциските служби, вклучително и инспекциската постапка, која има свои специфики по кои се раликува од управната постапка, претставува правна празнина која има негативно влијание на ефикасноста во работата на инспекциските служби.

Непостоењето на ваков закон доведува до голема разноликост како во однос на начинот на организација на инспекциските служби, така и во однос на начинот на нивно постапување нагласи Маневски.

Како резултат на сето погоре наведено, истакна тој, се покажа дека е нужно донесувањето на посебен закон со кој ќе се регулира инспекцискиот надзор, а со кој ќе бидат опфатени начелата на инспекцискиот надзор, организацијата на инспекциските служби, нивната координација и раководење, правата и должностите на инспекторите, правата и должностите на субјектите над кои се врши надзорот, посебните дејствија во инспекциската постапка, односот на инспекциските служби и надлежните органи, трошоците од инспекциската постапка, како и заедничкото вршење на надзор од страна на повеќе инспекциски служби.


       Со донесувањето на Законот за инспекциски надзор кој ќе претставува новина во правниот систем на Република Македонија, а со кој систематски ќе се регулира постапувањето на инспециските служби,  ќе се придонесе за унификација и поголема ефикасност во нивното постапување и за надминување на досега воочените недостатоци во нивното функционирање истакна Маневски.


        На прес-конференцијата  министерот Маневски го најави Проектот ,,Граѓанинот пред се - Ало инспекција" , при што со јавување на бесплатниот телефонски број 0800 111 99 , граѓаните ќе можат да се обратат до инспекциските служби и да пријават неправилности во работењето.

 

Презентација – во целост

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk