Промовирано ново софтверско решение во Академијата за судии и обвинители  
     
 

03.02.2010

 
 


(МИА)
- Во Академијата за обука на судии и јавни обвинитeли, денеска беше промовирано ново софтверско решение кое ќе овозможи нејзина поефикасна работа, складирање огромни количини на дигитални податоци и ќе ја олесни комуникацијата на вработените со документи потребни за непречено извршување на секојдневните работни задачи.

Министерот за правда Михајло Маневски на промоцијата истакна дека со воведувањето на интернетот и веб порталите во сите судови од септември кога започна објавувањето на судските одлуки досега се објавени околу 12.600 пресуди, а тие на граѓаните им овозможуваат да се запознаат со работата на судовите, како и да дојдат до други корисни за нив информации. Тој се заблагодари на помошта од УСАИД за воведување на електронско судство во Македонија, која според него, е најдобра меѓу земјите од Балканот на тој план.


Како резултат на примената на новата технологија, рече Маневски, намален е бројот и на нови и на нерешените предмети, за 80 проценти. - Таа бројка ќе треба да се намали со дополнителни ангажирања заради создавање на поповолна бизнис клима, справување со недовербата на инвеститорите и за поефикасно решавање на сите предмети, рече Маневски.


На промоцијата се обрати и американскиот амбасадор Филип Рикер, кој истакна дека со овој портал Македонија станува еден чекор поблиску до исполнување на европските стандарди и еднообразна примена на законот, постојано градејќи ја довербата на граѓаните во судството на патот кон евроинтеграциите.

Тој ја подвлече важноста од владеење на правото како столб на демократијата во секое општество, а во тој контекст и на значњето на неависното судство.

- Гледаме анкети во кои македонските граѓани велат дека немаат доверба во судските институции. Со тоа можеби малку се попречува економскиот прогрес на државата. Затоа мораме да работиме на ова дополнително, вклучувајќи го и користењето на информатичка технологија. Исто така, инволвирањето на Владата во поединечни случаи би можело да предизвика страв кај граѓаните, како и нивни сомнежи во однос на судските процеси, рече Рикер.

Според него, транспарентноста е исто така клучен елемент во однос на владеењето на правото.

- Со транспарентноста се воспоставува довербата на граѓаните, но тоа не значи селективно објаснување на информациите само кога е тоа погодно за судовите или кога се бара од меѓународната заедница, туку тоа значи навремено објавување на сите пресуди и нивна лесна достапност за сите граѓани. Во тоа ни помага информатичката технологија, рече американскиот амбсадор кој додаде дека тоа се однесува и на судското работење, како и на одлуките на Судскиот совет. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk