Работен состанок за Предлог-законот за здружениja и фондации  
     
 

05.02.2010

 
 

МИА -  Обезбедување полиберaлно здружување согласно европските практики, според кои, покрај граѓаните како државјани на Република Македонија, странците, правните лица, како и малолетните граѓани ќе можат да основаат здруженија и фондации, се решенијата што се нудат со новиот Предлог-законот за здруженија и фондации.

- Во законот посебно внимание се посветува на дефинирањето на статусот на организациите од јавен интерес, како основа за издвојување на организациите кои работат за општо добро и од јавен интерес, а поддршката би ја добиле од државата преку разни форми на давање на погодности, истакна на денешниот работен состанок министерот за правда Михајло Маневски со  претставници на невладини организации, на членови од работната група кои учествувале во подготовката на овој законски проект, и на пратеници од републичкото Собрание.

Предложениот закон ќе овозможи здруженијата, фондациите и сојузите директно да се занимаваат со економски активности од кои може да се оствари добивка без да се основа трговско друштво, со тоа што приходите стекнати од таквата дејност да мора да бидат употребени за финансирање на работата на организацијата.

Ова решение, како што рече министерот Маневски,  ќе го зајакне економскиот потенцијал на невладиниот сектор.

Здруженија може да основаат најмалку пет основачи од кои тројца мора да имаат живеалиште или седиште на територијата ма Република Македонија. - Здружение можат да основаат и малолетни лица со навршена 15-годишна возраст преку заверена изјава на нотар за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението.


Според законот, организациите не можат да вршат активности на политичка партија, односно не можат да обезбедуваат директно или индиректно финансирање на конкретна политичка партија и да влијае на изборите.

Здруженијата, фондациите и сојузите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци, завештанија...

Според членот 49 од предложениот закон организациите можат да добиваат средства и од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините, општрините во Град Скопје и градот Скопје. Финансиските средства на организациите се употребуваат за остварување на целите на организацијата определени со програмата. Во случај на престанок на организацијата располагањето со останатите средства се врши согласно нејзиниот статутот.

Во случај на постапување спротивно на законот предвидени се и прекршочни одредби. Меѓу другото и глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност за прекршок ќе и се изрече на организацијата која врши дејност која не е во согласност со нејзините цели утврдени со статутот.

Уредувањето на овие прашања досега беше со Законот за здруженија на граѓани и фондации, донесен во 1998 година, а изменуван во 2007 година. Во изготвувањето на новиот Предлог-законот за здруженија  и фондации учествуваа претставници од Министерството за правда и од невладиниот сектор.

Даниела Алексоска Маркоска

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk