Маневски: Состојбите во КПД Идризово не се такви какви што се прикажани  
     
 

05.02.2010

 
 

 МИА - Министерот за правда Михајло Маневски денеска ги отфрли тврдењата на народниот правобранител Иџет Мемети и евроамбасадорот Ерван Фуере за лошата состојба во Казнено-поправен дом Идризово, велејќи дека одредени квалификации што беа дадени се резултат на недоволни информации.

Според него, состојбите не се такви какви што се прикажани во целиот Казнено-поправен дом Идризово, бидејќи тој објект е во фаза на реновирање.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната работна средба за Предлог законот за здруженија и фондации, Маневски истакна дека состојбата во затворите во последните две-три години се подобрува и оти Владата веќе одвоила средства за реновирање на полуотвореното одделение во затворот Идризово.

- Заради потребите на реновирање на полуотвореното одделение наредив да се изврши преместување на осудените лица кои престојуваат во ова одделение, во други казнено-поправни установи во Македонија, додаде тој.

Во Програмата за реновирање и изградба на казнено-поправни и воспитно-поправни установи за 2010 година, покрај останатите активности, како што рече, предвидено е реновирање на полуотвореното одделение со капацитет од 140 лица, како краткорочна активност  согласно укажувањата во  Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година. За извршување на тие работи се обезбедени средства во износ од 6.000.000 денари, кои веќе на 26 јануари годинава се префрлени на КПД Идризово. Во тек е подготовка на техничката документација за реновирање на објектот.

За подобрување пак на здравствената состојба на осудените лица во КПД Идризово, Маневски посочи дека се примени вкупно 11 лица од здравствениот персонал, од кои само шест лекари во последните години.

Министерството за правда веќе една година со експертска поддршка на Европската комисија врши подготовка на  Проектот за реконструкција и изградба на казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Републиката. Проектот е во финална фаза и  предвидува изградба на нови и реконструкција на постојните капацитети на казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Македонија.

- Реализацијата на овој Проект, покрај средствата од Буџетот на Република Македонија, ќе биде поддржан со заем од Банката за развој на Советот на Европа. Овој Проект предвидува изградба на комплетно нови објекти во КПД Идризово, изградба на нов воспитно поправен дом Тетово, доградба на затворот Куманово и комплетно реновирање и изградба на затворот Скопје, нагласи Маневски.

Народниот правобранител Иџет Мемети и евроамбасадорот Ерван Фуере вчера на заедничка прес конференција ги оценија условите во затворот Идризово како катастрофални и под секое ниво, во коj нема минимум стандарди за обезбедување хумано и достоинствено издржување на казната затвор.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk