Стручна расправа за управното законодавство и управното судство  
     
 

10.02.2010

 
 


МИА
- Од 1 јануари годинава почна да функционира АКМИС системот за електронско водење на судските уписници и списи, а на веб страниците на судовите објавени се над 13.000 пресуди и други корисни информации за граѓаните, рече министерот за правда Михајло Маневски отворајќи ја денешната стручна расправа на тема „Управно законодавство и управно судство“ во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Стручната расправа беше најава за нова реформа во управното законодавство и управното судство. Се предвидува проектот да трае околу една година во која ќе бидат претресени значајни проекти, како Законот за организација и работата на органите на државната управа, Законот за општата управна постапка, Законот за управните спорови, Законот за прекршоците и Законот за инспекцискиот надзор, со помош на стручната и научна јавност.

Една од најзначајните правни области за остварување и заштита на човековите права и слободи, додаде министерот е токму управното право преку кое се уредува организацијата на државната управа, управната постапка, управното судство и управниот надзор.

- Се работи за многу прашања од областа на управата кои долго време не се отворени и претресени и токму сега ќе се покренат. Како да се уреди жалбената постапка, дали е соодветно решението владините комисии по жалба да одлучуваат на актите што ги донесуваат органите на управата и министерствата се исто така дел од оваа реформа. Тоа прашање долго време се поставува и секако дека може да биде решено на поефикасен начин, рече министерот Маневски.

Министерството за правда, согласно Стратегијата за реформа на правосудниот систем 2004-2007 година, според министерот, во изминатиот период преземало голем број активности во насока на реализација на реформите и заокружување на правната рамка во областа на правосудството.

- Во рамките на овој проект се прават исклучителни напори за реформа на целокупниот правен систем и неговото усогласување со европските стандарди, легислативата на Европската унија и меѓународните прописи, посочи Маневски.

Во изминатитет три ипол години, како што посочи, ресорното Министерство подготвило 106 закони, а на предлог на Владата, Законодавниот дом донел 100 закони, нови или изменети и дополнети, а основани се девет нови судски институции кои успешно функционираат.

Во втора фаза на реализација е Стратегијата за реформа на казненото законодавство со која донесени се значителни измени и дополненија на Кривичниот законик, а во завршна фаза е постапката за донесување на новиот Закон за кривична постапка и Законот за меѓународна соработка.

На стручната расправа учествуваа и професори од правните факултети во државава, судии, претставници на меѓународни организации, амбасади и претставници од министерствата.

По завршувањето на првиот дел на расправата, на новинарско прашање за анкетата на ОБСЕ во која 43 отсто од судиите се изјасниле дека работат под притисок на власта, министерот рече дека ќе ја прокоментира кога таа ќе биде објавена јавно.



Говор на министерот за правда Михаjло Маневски –целосен текст

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk