За реконструкција на затворите и казнено-поправните установи предвидени 56 милиони евра  
     
 

14.02.2010

 
 

МИА - Вкупно 56 милиони евра ќе бидат потрошени за реконструкција на македонските затвори и казнено-поправни установи што Владата планира да ја реализира до 2012 година, соопшти денеска министерот за правда Михајло Маневски.

Маневски нагласи дека 46 милиони евра ќе бидат заем од Банката за развој на Советот на Европа, а останатите се буџетски средства.

Целта на проектот е подобрување на условите за осудените, притворените и малолетните лица, како и зголемување на капацитетитие. Притоа ќе бидат користени европските стандарди и регулативи кои предвидуваат најмалку четири метри квадратни затворски простор за секој затвореник во повеќекреветни келии или девет метри кубни во поединечна келија.

- Првпат, како никогаш досега, во македонските затвори ќе се вложат над 50 милиони евра. Со тоа целосно ќе се создадат услови според европските стандарди, во една келија да бидат сместени по две до три лица, а не по 15, 20 или повеќе како досега, ќе се смени ликот на затворите, особено во КПД Идризово чии објекти се стари по 70 до 80 години и ќе се изградат компоненти за сосема нови содржини, истакна Маневски.

Оваа Влада, потенцира министерот, ги оцени потребите и одлучи да вложи значителни средства за изградба, реновирање и опрема на затворите, за рзлика од претходните кои тоа го констатираа, а не преземаа речиси ништо да ги подобрат состојбите.

Согласно предвидената реконструкција, постојната бруто површина на КПД Идризово, од сегашните 31.255 метри квадратни ќе се зголеми на 42.245 метри квадратни, затворот Скопје наместо 6.650 метри квадратни ќе има двојно повеќе површина, 11.818 метри квадратни, бруто површината на воспитно-поправниот дом Тетово ќе изнесува 2.640 метри кавдартни, додека на затворот Куманово 5.500 метри квадратни.


Осврнувајќи се на досега спроведените реформи во затворскиот систем, Маневски истакна дека, освен изградбата, реновирањето, адаптирањето и опремувањето на затворските капацитети, значително е засилен и вработениот персонал со примање нови 284 лица од кои 94 во КПД Идризово.


- Реконструкцијата на казнено-поправните установи ја реализиравме со 500.000 евра финансиска поддршка од Европската комисија. Во изминатите година и пол Македонија ја посетија многу затворски експерти со оглед дека е сложен процесот за изградба на затворскиот систем, рече министерот за правда Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk