Обраќање на Маневски на Конференцијата на високо ниво за иднината на Европскиот суд за човекови права во Интерлакен, Швајцарија  
     
 

19.02.2010

 
 

     

            Министерот за правда Михајло Маневски денеска имаше  свое обраќање на  Конференција на високо ниво за иднината на Европскиот суд  за човекови права, која во рамките на Швајцарското претседавање со Советот на Европа,  се одржува во Интерлакен ,Швајцарија.

            На почетокот на своето обраќање, министерот Маневски  во името на Владата на Република Македонија ги поздрави напорите за реформа на Европскиот суд, во насока на негова поголема ефикасност во заштита на човековите права.

            Министерот Маневски рече дека подобрувањето на филтер-механизмите, механизмите за справување со повторувачките предмети, ригорозна имплементација на критериумот за прием, организациската поставеност на механизмите на Судот, подобро споделување на судската практика, се само некои од мерките кои треба да се развијат и имплементираат во блиска иднина.

            Принципот на супсидијарност останува како камен темелник на системот нагласи Маневски. Целосното и ефективно извршување на судските пресуди е од врвна важност, како и мерките преземени на национално ниво, кои треба да обезбедат ефективни домашни правни лекови.  Обврска е државите да одлучат да ги зајакнат националните правни системи и  да ги усогласат со Конвенцијата и правната практика на Судот рече Маневски.

            Меѓутоа  имплементацијата на реформите на Европскиот суд не смее да го стави во прашање, во било која смисла, правото на индивидуален поднесок и не смее да придонесе во било какво ограничување или опструкција на слободното остварување на ова значајно право, потенцираше Маневски.

            Министерот Маневски се осврна и на претстојното Претседателство на Република Македонија со Комитетот на министри од мај 2010 и истакна дека реформата на Европскиот суд несомнено ќе биде и на агендата на македонската влада.

            На конференцијата во насока на подобрување на ефикасноста на Европскиот суд за човекови права ќе  биде усвоена Декларација  која повикува на конкретни мерки кои би требало да бидат преземени на неколку нивоа: национално, на ниво на Комитетот на министри и од страна на Европскиот суд, со цел  да се постигнат посакуваните реформски активности за поуспешно функционирање од Судот. 

           

            Декларацијата воедно ќе служи како силен израз на  заедничката  политичка волја и посветеност на државите-членки, овој основен механизам на  Организацијата да функционира подобро.

            На маргините на Конференцијата министерот за правда се сретна со претседателот на Европскиот суд за човекови права г. Жан Пол Коста и со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа г. Мевлуд Чавушоглу, како и со  повеќе министри за правда .

 

 

 

 

ГОВОР НА МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА МИХАЈЛО МАНЕВСКИ

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk