Започнува примената на Законот за медијација  
     
 

01.11.2006

 
 

Законот за медијација кој се применува од денеска овозможува алтернативно решавање на споровите на побрз, поефикасен и поекономичен начин, оцени заменик министерот за правда, Сашо Василевски на брифингот со новинарите.

Од денеска, 1 ноември почнува примената на Законот за медијација, што Собранието на Република Македонија го донесе во мај годинава.

„Министерството за правда  овој закон го смета за особено  значаен во комплексот на судските реформи„, рече заменик министерот за правда, Сашо Василевски на денешниот брифинг со новинарите. Тој додаде дека со неговата примена се очекува да се подобри пристапот до правдата и да се придонесе во намалувањето на притисокот врз судовите со решавање на споровите на побрз, поефикасен и поекономичен начин.

„Примената на Законот за медијација воедно значи и приближување на македонското правосудство до стандардите на земјите  на Европската Унија, што е од големо значење на нашиот пак кон членство во Унијата„, рече заменик министерот за правда Василевски.

Со Законот за медијација се уредени принципите на медијацијата, постапката на медијацијата, условите за медијаторот и организирањето на медијаторите.

Законот ќе се применува во граѓански, трговски, работни, потрошувачки и други спорни односи  меѓу физички и правни лица во  согласност со закон и тоа независно дали медијацијата се води врз основа на договор постигнат меѓу странките, пред или по започнувањето на спорот, со или без препорака на суд или друг орган.

Медијацијата е вонсудска постапка на алтернативно решавање на споровите со помош на трето, неутрално лице, медијатор. Медијацијата претставува флексибилна постапка која се темели на основниот принцип на добороволност на страните во спорот за поведување постапка, неутралност и непристрасност, доверливост, транспарентност во однос на пристапот до информации кои се однесуваат на постапката на медијација. Таа е економична, ефикасна, брза и е правична постапка, бидејќи се фокусира на изнаоѓање решение  кое е прифатливо за двете страни. Донесеното решение е трајно, а добрите односи помеѓу страните постојат.

Законот беше подготвен од Министерството за правда со поддршка на Проектот за медијација на Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ. Согласно Законот за медијација беше донесена Програма за обука на медијатори и Образец за обука на медијатори. Според Програмата за обука на медијатори, а врз основа на јавен конкурс Министерството за правда во текот на месец јуни оваа година организираше почетна и напредна обука за медијатори. По спроведената обука со сертификати за медијатори се здобија 60 лица со различен профил на образование и професионални занимања.

Во почетокот медијацијата ќе се применува во Основен суд Скопје I, а потоа и во Основниот суд Струмица и Гостивар. Во текот на месецов ќе се формира Центар за медијација во Скопје, каде што ќе се случуваат медијациите, а граѓаните ќе може да дојдат до потребните информации за медијацијата.

Согласно Законот е формирана Комората на медијатори, која во наредниот период ќе ја преземе и обврската за одржување натамошни почетни и напредни обуки за медијатори.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk