ИНТЕРВЈУ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА МИХАЈЛО МАНЕВСКИ ЗА „ДНЕВНИК„ 16-17 Септември 2006 година  
     
 

16.09.2006

 
 

ИНТЕРВЈУ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА МИХАЈЛО МАНЕВСКИ

ЗА „ДНЕВНИК„

Криминалот и корупцијата немаат политичка припадност

Ист е случајот и со „УПА ентерпрајс”, кога од државната каса беа исплатени 1,2 милион евра за урнати објекти, а Врховниот суд пресудил дека се диви, односно дека за нив нема ни одобрение ни услови за градба. „Бачило” ќе влезе во аналите на најкорумпираните случаи. Во ниту еден од нив не е почитувана обврската на министерствата и на правосудните органи за обезбедување ефикасна заштита на имотот на државата

Бил министер за правда на СР Македонија, судија, претседател на суд, обвинител, а по пензионирањето - член на Антикорупциската комисија. Михајло Маневски оттаму дојде во Владата. Повторно како министер за правда. Мандатот, како и партијата што го избра, го почна со силно искажани најави за бескомпромисна, политички необоена борба против криминалот и корупцијата во државата. Мандатот му почна со соочување со тешки скандали за неколкукратна продажба на станови и земјиште и со огромни суми што државата треба да ги исплати како отштети поради грешки што ги сториле државните органи.

*Излеговте во јавноста со информации дека, по разгледувањето на документацијата во министерствата, сте утврдиле дека државата треба да плати вкупно 33 милиони евра како надомест на штета, со правосилни и извршни судски одлуки. Дали таа сума е конечна?

- Не е конечна. Тоа се пари што државата треба да ги плати за завршените предмети, а не и за оние што се во тек и кои допрва пристигнуваат. Им дадовме налог на Јавното правобранителство и на судовите во рок од осум дена да подготват информации за колку нови случаи се водат постапки за отштета против државата, по кои основи и за колкави износи на отштетни побарувања станува збор. Информациите треба да ги добиеме во идната недела и тогаш ќе знаеме колку вкупно пари се побаруваат од државата. Секој ден стигнуваат нови побарувања. Деновиве до Министерството за правда стасаа информации за нови тужби против државата, со кои се побаруваат уште над 10 милиони евра. Го примивме и побарувањето за случајот „Раштански Лозја”, што ќе биде разгледано заедно со другите. Дел од побарувањата мора да се намират, бидејќи отштетите биле добиени поради незаконски процедури, јавни набавки, непосредни спогодби. Ушто додека бев во Антикорупциската комисија, предупредувавме дека законите мора да се почитуваат и нагласувавме дека тоа е особено неопходно пред почетокот на изборната кампања и за време на нејзиното траење. Меѓутоа, се удираа темели, се склучуваа непосредни спогодби и слично. И ете, сега, поради непочитување на законските процедури треба да плаќаме.

Повисоки каматите отколку досудената отштета

*Уште додека бевте во Антикорупциската комисија го посочивте Јавното правобранителство како виновник за незаконската исплата на огромни суми за отштета. Дали се' ќе заврши со разрешувањето на првиот човек на таа институција?

- Ненамирените обврски на државата беа прва и единствена точка на првата владина седница. Разгледувајќи ги долговите по добиени спорови против државата, утврдивме дека односот на државниот адвокат, на Јавното правобранителство, бил тотално недомаќински, неодговорен. На тоа предупредувавме во Антикорупциската комисија кога ги разгледавме трите најкрупни случаи: Бачило, „УПА ентерпрајс” и отштетата што ја добил поранешниот заменик-министер за труд и социјална политика, Самка Ибраимовски. Иако Врховниот суд ја укинал пресудата со која му била доделена отштета од 500.000 евра за урнат дивоизграден објект, парите му биле исплатени. Ист е случајот и со „УПА ентерпрајс”, кога од државната каса беа исплатени 1,2 милион евра за срушени објекти, а Врховниот суд пресудил дека се диви, односно дека за нив нема ни одобрение ни услови за градба. „Бачило” ќе влезе во аналите на најкорумпираните случаи. Во ниту еден од нив не е почитувана обврската на министерствата и на правосудните органи за обезбедување ефикасна заштита на имотот на државата. Утврдивме дека во голем дел предмети каматите се поголеми од сумите за отштета. Причина за тоа се долгите судски постапки, недоволниот ангажман да се извршат правосилните пресуди, отсуството на обиди за спогодбено решавање на споровите. Од друга страна, Јавното правобранителство не ги презело сите расположливи правни средства за заштита на државниот имот, не поднесувало жалби дури и за милионски суми. Со тоа, Врховниот суд бил оневозможен да работи и да ја поправи работата. За да се избегне плаќањето на ваквите огромни суми за отштета, кои се удвојуваат поради каматите, сметам дека максимално треба да се користи спогодбеното решавања на споровите, со користење на помошта од медијатори.

*Најавивте некој вид ревизија на завршените предмети. Како ќе го изведете тоа и нема ли да биде мешање во работата на судовите?

- Владата заклучи дека отсега натаму, на секој спор во кој од државата се побарува отштета поголема од еден милион денари, освен заменик-јавен правобранител, да присуствува и претставник на тужениот државен орган, заради обезбедување заштита на државниот имот. На седницата на Владата беше одлучено и да се формира работна група што ќе изврши увид во предметите, за да се види дали надлежните за заштита на државните интереси ги употребиле сите неопходни редовни и вонредни правни лекови. Да појаснам, не зборуваме за ревизија на предметите, бидејќи тоа би значело мешање во работата на судовите, туку за увид во нив. Ако најдеме пропусти кај инволвираните во процесот, ќе преземеме мерки за казнена одговорност или ќе побараме да се надомести настанатата штета. Не е спорно правото на граѓаните на отштетни побарувања од државата, без оглед дали станува збор за штети настанати за време на воениот конфликт во 2001 година, незаконски постапки на државни органи или за повреда на Законот за работните односи, за неоправдано притварање или незаконско осудување. Но, државата не може да плаќа за нешто за што не е ни виновна ни должна и мора да си ги штити и своите интереси.

*Што, откако ќе извршите увид во предметите?

- Во оние случаи во кои ќе утврдиме дека имало неправилности, а каде што постојат услови за повторување на постапките, ќе го сториме тоа. Тоа ќе го разгледува работна група во која членуваме јас, како министер за правда, и министерот за финансии, претставник од Јавното правобранителство, генералниот секретар на Владата и претставници од други надлежни органи. Владата ќе стори се' за да ги надмине состојбите и да не биде доведено во прашање функционирањето на државните органи. Под итно ќе следи ребаланс на буџетот.

Авторитетно и одговорно судство

*Приоритет на минатата влада беше донесувањето на реформските закони за правосудството. Што ќе биде приоритет на оваа влада во судската област?

- Приоритет на Министерството и на Владата ќе биде доследно спроведување на реформите во правосудството и заокружувањето на правната рамка со донесување на законите за Јавното обвинителство и за советот на јавните обвинители, кои треба да се усогласат со уставните амандмани. Од особено значење е донесувањето на судскиот деловник, кој треба да се усогласи со измените во законите за кривичната и за парничната постапка, а со кои се забрзуваат судските постапки, се намалуваат можностите за злоупотреби со нивното свесно одолжување. Веќе почна постапката за формирање комисија во која ќе има пет члена од Министерството за правда и четири од Врховниот суд, која ќе ги избира членовите на Судскиот совет. Ова тело понатаму ќе ги избира и ќе ги разрешува судиите. Мора да се обезбеди спроведување на донесените реформски закони за да се добие ефикасно и независно судство, ослободено од политички влијанија и притисоци, отпорно и способно да се справи со организираниот криминал и корупцијата. И покрај иницијативите и заложбите, досега ретко ваков предмет има завршница. Против овие зла треба да се води системска битка во која ќе бидат вклучени и полицијата, Царинската управа, Управата за јавни приходи, финансиската полиција, Дирекцијата за спречување на перењето пари, а Јавното обвинителство треба да биде на врвот на хиерархијата. Секој што нема да може да се справи со проблемите, не му е местото на функцијата што ја извршува. На граѓаните им е доста од ветувања. Мора да се врати нивната доверба во институциите на системот. Справувањето со корупцијата е и едно од најбитните прашања на патот кон Европа.

*Јавна тајна е постоењето на спреги меѓу учесници во судските постапки, меѓу кои има и судии врзани со политички и бизнис-структури. Граѓаните ја изгубија довербата во судството. Како таа да се врати кога ниеден - освен некои поситни исклучоци - не беше обелоденет и санкциониран?

- Справувањето со организираниот криминал и корупцијата ќе биде приоритет. Овие случаи ќе се откриваат и ќе се решаваат без оглед за кого станува збор, независно од политичката припадност и функцијата. Сите се еднакви пред законот. Мора да се зголеми одговорноста во вршењето на функцијата, да јакне авторитетот на судиите, јавните обвинители и на јавните правобранители. Преку јакнење на овие институции ќе се подигне и нивото на владеење на правото во државата. Притоа ќе се среќаваме со постапки во кои има криминално, коруптивно однесување, спреги меѓу одделни судии, обвинители, адвокати, нотари, јавни правобранители. Тоа дава лоша слика за судството и го руши неговиот углед. Одговорноста се гради низ законито и одговорно однесување, низ совесност и непристрасност во постапувањето. Тоа треба да го краси секој судија, функција што традиционално е авторитетна бидејќи ги штити правата и слободите на граѓаните.

*Освен со критиките, судовите се соочени и со финансиски проблеми. Сметате ли дека на поинаков начин треба да се реши нивното финансирање?

- Судовите се соочени со голем број предмети. На почетокот на годинава имало 844 илјади нерешени предмети, а на крајот на јуни повеќе од 900 илјади. Најголемо влијание врз функционирањето на судовите имаат финансиите што им се дадени на располагање при работата. Нереално рефлектираниот судски буџет за годинава е причина за тоа тие на крајот на јуни да должат 1,4 милион денари за електрична енергија, поштенски услуги, да немаат хартија и слично. Во 2004 година судскиот буџет учествувал со 1,73 отсто во централниот буџет, во 2005 - 1,57 отсто, а годинава само со 1,11 отсто. За разлика од ова, буџетот на судовите за 2007 година е реформски, бидејќи треба да се спроведат многу обврски што произлегуваат од новиот закон за судовите. Во тек се реализации на повеќе инвестиции во судството. Освен КАРДС-програмите, финансиската помош од ОБСЕ, УСАИД и многу други меѓународни организации, Македонија доби и кредит од 10 милиони евра од Светската банка. Со тие пари во наредните четири до пет години ќе се гради нова судска зграда во рамките на комплексот Судска палата, ќе се вршат интервенции и реконструкции на повеќе други судски објекти, ќе се воведува информатичката технологија и ќе се едуцираат кадри.

*Одвреме-навреме се пуштаат во јавноста информации за предвремено пензионирање на судиите. Имаат ли основа тие информации?

- Не постојат ни уставни ни законски можности за предвремено пензионирање на судиите. Во Уставот пишува на колку години се пензионираат. Престројувањето на свеста и менување на односот кон функцијата - тоа е насоката во која ќе се оди. Тој што нема да го држи чекорот со реформите, не му е местото на таа функција.

По контролата, мерки против нотарите

*Освен работата на одделни заменици јавни правобранители и судии, во изминатиот период во јавноста беа презентирани и информации за незаконски постапки на некои нотари. Нотарите долго беа третирани како заштитена категорија. Ќе се менува ли нешто?

- Од Нотарската комора побаравме информација за тоа колку постапки за дисциплински престапи повеле од воведувањето на оваа функција до денес. Јавноста се' повеќе се соочува со однесувања надвор од овластувањата. Извршивме надзор над работата на нотарите Никола Стојменовиќ од случаите „Бачило” и „УПА ентерпрајс” и Боривој Стојоски за случајот со „Фиком”. Записникот се подготвува, а Министерството за правда ќе преземе соодветни мерки и за тоа ќе дадеме образложение до Нотарската комора. Досега не е обрнато доволно внимание на извршувањето на нотарската функција. Сега ќе ги согледаме состојбите и ќе одлучиме дали ќе вршиме измени во Законот за нотарската дејност. Не може да се правдаат дека постапуваат како што бараат странките. Нотарите се тие што прават договори, нотарски акти за хипотеки и слично. Не е точно дека тие само вршат заверки на договорите.

*Каква е состојбата во казнено-поправните установи?

- Се соочуваме со сложени прашања. За потребите на затворите годинава се издвоени 33 отсто помалку пари отколку во претходната година, а бројот на осудени и притворени лица постојано расте. Како и судовите, и тие се соочуваат со ненамирени долгови за електрична енергија, вода, греење, исхрана, здравствена заштита. Тој долг изнесува 36 милиони денари.

*Ќе има ли кратење на дискрециските овластувања на функционерите?

- Ќе иницираме измена во законите за намалување на дискрециските овластувања на функционерите. Како Антикорупциска комисија, постојано укажувавме дека преголемите дискрециски овластувања се извор на корупцијата. Со уставните амандмани беше намален имунитетот на функционерите, но со тоа ништо не беше постигнато зашто законите и натаму им дозволуваат да одлучуваат дискрециски, што создава можности за злоупотреба на положбата.

Странец во Обвинителството

*Странски или домашен обвинител?

- Секоја држава или орган можат да користат странски искуства и експерти за побрзо и подобро справување со проблемите, па може и Јавното обвинителство. Тоа ќе биде уредено во законот за Јавното обвинителство, што се подготвува. Експертите може да даваат насоки, да укажуваат, охрабруваат, поучуваат. Организираниот криминал и корупцијата се содржани во голем број меѓународни конвенции. Борбата против нив треба да се одвива во јавна и отворена постапка, а тоа ќе го имаме со присуство на странски експерти.

Натали Н.Сотировска

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk