Отпочнува со примена Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници  
     
 

22.03.2010

 
 

Законот за државните службеници („Службен весник на РМ” бр. 114/09), кој стапи во сила на 22 септември 2009 година, од денеска 22 март 2010 година отпочнува со примена.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници :

- Се зголемува опфатот на државната служба, при што е утврдено дека државна служба се органите на државната и локалната власт и други органи основани со Уставот и со закон. Меѓутоа, во членот 3-a од Законот се набројуваат органите и вработените за кои одредени прашања поврзани со правата, обврските и одговорностите, и покрај тоа што имаат статус на државни службеници, можат да бидат уредени со закон, на начин различен од Законот за државните службеници,  ако е тоа неопходно поради специфичната природа на работните задачи и посебноста на извршувањето на посебните должности и овластувања.

Ваквиот начин на дефинирање на опфатот на државната служба ја наметнува потребата од измени на неколку закони во кои се уредени права и обврски на вработени кои до измените и дополнувањата на Законот немаа статус на државни службеници.

- Се врши професионализација на државната служба, со воведување на стандарди во однос на стручноста и компетентноста – работно искуство во струката и работно искуство во државната служба кај звањата во групата на раководни државни службеници.

- Утврдено е дека државниот секретар, кој се именува во министерствата, Секретаријатот за европски прашања и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, го именува Владата на Република Македонија и истиот нема статус на државен службеник. Со оглед на ваквиот статус на државниот секретар, во Законот за Владата на Република Македонија извршени се соодветни измени и дополнувања со кои е дорегулиран статусот на државниот секретар.

- Редефинирани се надлежностите на Агенцијата и засилена е нејзината улога во обезбедувањето на единствената примена на Законот за државните службеници и подзаконските акти, при што од особена важност е утврдувањето на нова надлежност на Агенцијата за државни службеници од аспект на вршење надзор врз единствената примена на Законот и прописите што се однесуваат на државните службеници.

- Целосно е преработен делот на вработувањето и мобилноста во државната служба, при што значајна новина претставува за прв пат воведувањето на можноста за вработување во државната служба по пат на интерен оглас. Интерниот оглас, кој ќе се спроведува врз основа на точно утврдени критериуми и услови и ќе претставува мотивирачки фактор за унапредување на стручните и обучени државни службеници и ќе го намали влезот на помалку квалитетни кандидати од надвор во државната служба.

Во делот на вработувањето во државната служба и понатаму почитувајќи ги критериумите на стручност и компетентност и начелото на соодветна и правична застапеност се извршени измени во поглед на времетраењето и начинот на спроведување на постапката за вработување на државните службеници преку објавување јавен оглас.

1. се предлага формирање на една Комисија која ја спроведува постапката за селекција во државната служба, составена од 3 членови, од кои еден е од Агенцијата за државните службеници и двајца од органот за чија потреба се објавува јавниот оглас.

2. се утврдува рок за носење на одлука за избор на кандидат, со оглед дека во досегашната пракса постапката за вработување се одолговлекуваше во фазата на избор.

3. Со цел економично и рационално користење на ресурсите и заради почитување на начелата на законитост и владеењето на правото се воведува одредба за задолжителност на носење на одлука за избор на кандидат од ранг-листата од најуспешни тројца кандидати. На овој начин се намалува и можноста за политичко влијание при изборот, а особено што неизвршувањето на избор повлекува забрана за повторно објавување на оглас за истото работно место во рок од шест месеци 

Отпочнувањето на примената на Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници ќе придонесе кон исполнувањето на еден од условите кои имаат особена важност за пристапувањето кон Европската Унија како стратешка цел на Република Македонија за воспоставување на модерен, професионален и ефикасен систем на државна администрација, а особено од причина што во Приоритетот VI од документот Мерки и активности за реализација на главните приоритети за пристапување во ЕУ и добивање на датум за преговори за членство на Република Македонија во Европската унија утврдено е целосното спроведување на Законот за државните службеници.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk