Денеска отпочнува со примена на одредбите од Законот за измена и дополнување на Кривичниот законик  
     
 

22.03.2010

 
 

Измените на Кривичниот законик чија што примена отпочнува денеска, беа донесени во септември 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ број 114 од 14.09.2009 година). Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик согласно член 122 влезе во сила осмиот ден од неговото објавување во Службен весник, а примената беше одложена шест месеци од денот на влегување во сила што значи за  денеска 22 март 2010 година.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик ја зајакнуваат и подобруваат казнено-правната рамка што е една од главните претпоставки за ефикасност во работата на институциите надлежни за заштита на слободите и правата во една демократска држава. Воедно, се врши усогласување на казнено – правниот систем на Република Македонија со европските стандарди што е клучен услов за евро-интеграционите процеси во нашата земја.

Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик се изврши важна интервенција во материјалното кривично законодавство. Така се направија повеќе чекори:

  1. Се изврши усогласување со домашното законодавство и со бројни меѓународни инструменти;

  2. Се интервенира во одредбите за одговорност на правните лица и меѓу другото, се воведоа нови споредни казни за правните лица. Со измените на Кривичниот законик, водењето на казнената евиденција за правните лица е во надлежност на Централниот регистар на Република Македонија. За таа цел, Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар беше изменет и воведено е ново софтверско решение кое заедно со компјутерскиот систем АКМИС на судовите ќе овозможат секојдневна достава на пресудите и водење на ажурирана евиденција за изречените казни на правните лица.

Овој начин на водење на евиденцијата ќе дава јасна слика за статусот на правните лица, ќе се спречат бројни криминални дејствија на правните субјекти и ќе се зголеми сигурноста во правниот промет во Република Македонија.

  1. Предвидено е задолжително изрекување во траење од една до десет години на забраната за вршење професија, дејност или должност, заедно со казната затвор кај:

    1.  кривичните дела против изборите и гласањето,

    2. делата „Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“ од член 188 и „Обљуба со злоупотреба на положбата“ од член 189 од КЗ;

    3. кривичните дела против службената должност и тоа: „Примање поткуп“, „Давање поткуп“ и „Противзаконито посредување“;

  1. Воведена е конфискацијата на посредна имотна корист и проширена конфискација за тешки кривични дела;

  2. Кај делата на „Клевета“ и „Навреда“ се прецизираат тешките последици за оштетениот, односно се утврдува дека квалифицираните облици се однесуваат кога ќе настапат тешки последици по животот и здравјето на оштетениот или нему блиско лице. Воедно, утврдена е можност да не се казни за клевета тој што известува за нешто што е јавно соопштено од друг, како и тој на кого му е оневозможено остварувањето на правото на пристап до информации од јавен карактер спротивно на прописите за слободен пристап до информации.

  3. Се зајакнува борбата против корупција на начин што се интервенира во повеќе кривични дела, меѓу кои особено ги издвојуваме:

1) Интервенциите во членот 273 - ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ДРУГИ ПРИНОСИ ОД КАЗНИВО ДЕЛО - се прошири кругот на инкриминираните дејствија, се предвиде одговорност на лицата вработени во институциите вклучени во борбата против перењето пари и се зголеми казната. Воедно, се даваат насоки на судиите во водењето на постапката кај ова кривично дело кога постојат фактички или правни пречки за утврдување на претходното казниво дело, како и утврдувањето на знаењето на сторителот.

2) Кривичното дело „ПРИКРИВАЊЕ НА ПОТЕКЛОТО НА НЕЗРАЗМЕРНО СТЕКНАТ ИМОТ“ од член 359 – а целосно е изменето и сега гласи „ПРОТИВПРАВНО СТЕКНУВАЊЕ И ПРИКРИВАЊЕ ИМОТ“. Основниот облик на ова кривично дело се состои од две дејствија. Првото е кога службеното лице или одговорното лице во јавно претпријатие или јавна установа кое спротивно на законската должност за пријавување на имотната состојба дава лажни податоци за своите приходи, а второто кога ќе се утврди дека за време на вршењето на функцијата овие лица или членовите на нивните семејства се стекнале со имот кој значително ги надминува неговите законски приходи и за кои ги прикрива неговите вистински извори. Пропишаната казна затвор за ова дело е од шест месеци до пет години и  парична казна. Во ставот 5 од овој член е пропишано и дека имотот кој значително ги надминува приходите што законски ги остварува и за кои сторителот ги прикрива вистинските извори се конфискува, а ако неговото конфискување не е можно од сторителот се конфискува друг имот што одговара на неговата вредност.  Во следниот став е предвидено и конфискување на имотот и од членови на семејствата и од трети лица на кои е пренесен ако е очигледно дека не дале противнадомест што одговара на неговата вредност или ако не докажат дека за предметот или имотот дале противнадомест. 

  1. Воведени се нови кривични дела и тоа:

    1. „Намамување на обљуба или друго полово дејствие на лице под 14 години“(член 193-б),

    2. „Незаконита експлоатација на минерални суровини“ (член 225-а);

    3. „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“(член 274-б);

    4. „Повреда на правата од хартии од вредност“ (член 275-а);

    5. „Незаконито постапување на овластен ревизор“ (член 275-б);

    6. „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набавки или јавно – приватно партнерство“ (член 275-в);

Особено ги издвојуваме:

g.Измама на штета на средства на Европските заедници“ (член 249-а);

- Измените воведоа ново кривично дело во Дваесет и третата глава која ги содржи кривичните дела против имотот. Со предложеното кривично дело се инкриминираат дејствија со кои се нанесува штета на средства на Европската заедница земајќи го во предвид статусот на Република Македонија на земја кандидат за членство во Европската Унија и пристапноста на европските фондови. Предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години.

h. Ширење на расистички и ксенофобичен материјал пат на компјутерски систем“ (член 394 – г)

- Измените воведоа ново кривично дело во Триесет и четвртата глава која ги содржи кривичните дела против човечноста и меѓународното право. Делото ги инкриминира дејствијата на ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски системи и притоа, предвидената казна е затвор од една до пет години, а потешка казна од една до десет години за квалифицираниот облика доколку делото е извршено со злоупотреба на положбата или овластувањето или дошло до безредие и насилство или имотна штета од големи размери;

  1. Зголемена е казната и проширен е кругот на одговорни лица кај бројни кривични дела, меѓу кои:

    1. Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215,

    2. Кривични дела против животната средина и природата,

    3. Кривични дела против културното наследство и природните реткости,

    4. Кривични дела против службената должност,

    5. Делата поврзани со изработка и трговија на оружје.

Периодот од донесувањето до примената беше искористен за усогласување на кривичните одредби на повеќе закони со измените на Кривичниот законик.

 Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 114 од 14.09.2009 година)

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk