Свечено одбележан завршетокот на реконструкцијата на Основниот суд во Кочани  
     
 

29.03.2010

 
 

           Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и министерот за правда  Михајло Маневски со пригодна свеченост го означија завршетокот на реконструкцијата и опремувањето на Основниот суд во Кочани.

            Премиерот Никола Груевски обраќајќи се на присутните истакна дека  во  македонското правосудство изминативе неколку години е инвестиран најголем износ на средства кои имаат за цел да ги подобрат условите за работа во судовите,  а значителни средства се инвестирани и во развојот на информатичката технологија со што на граѓаните им се овозможува олеснет пристап до правдата.

            Во изминатиов период,истакна премиерот Груевски формирани се 10 нови институции кои се целосно функционални:

-          Управен суд на Република Македонија

-          Апелационен суд Гостивар

-          Академија за обука на судии и јавни обвинители

-          Судски совет на Република Македонија

-          Совет на јавни обвинители на Република Македонија

-          Основно Јавно обинителство за гонење организиран криминал и корупција

-          Вишо Јавно обвинителство Гостивар

-          Агенција за управување со конфискуван имот

-         Судско Одделение надлежно за судење на дела од областа на организиран криминал и корупција за целата територија на Република Македонија во Основниот суд Скопје I – Скопје и

-         Оддел за постапување по барања за судење во разумен рок во рамките на Врховниот суд на Република Македонија.

            Реформите во правосудството, рече Груевски се еден од клучните приоритети на Владата на Република Македонија на кои и во наредниот период ќе бидеме целосно посветени. Во таа насока,  Владата на Република Македонија и натаму ќе  продолжи со активностите за подобрување на условите за работа во судовите, но и на хармонизирање на законодавството во согласност со стандардите содржани во меѓународните документи во областа на правосудството истакна Груевски.

Министерот за правда Михајло Маневски рече дека реновирањето на Основниот суд во Кочани е само еден сегмент од севкупните активности на Владата на Република Македонија и на Министерството за правда насочени кон подобрување на условите во судовите во Република Македонија. Во рамките на Проектот на Светската банка завршена е реконструкцијата на девет судови и тоа Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Прилеп, Велес, Штип, Струмица и Кочани со проширена надлежност на повеќе од 28000 м2. Се реновираат и Основните судови во Битола и Гостивар. Исто така, наскоро очекуваме да започне со изградба новиот кривичен суд во Скопје, во кој ќе биде сместен и Одделот за судење на организиран криминал и корупција со површина од над 8200 метри квадратни , истакна министерот Маневски.

Осврнувајќи се најновите статистички податоци за работата на судовите  министерот Маневски рече дека тие покажуваат исклучителни успеси во спроведувањето на реформата во судството. Имено, нагласи Маневски  во сите судови во Република Македонија, приливот на нови предмети на крајот на 2006 година спореден со истиот период од 2009 година е намален за 226738 предмети или за 26 %. Во основните судови приливот на нови предмети на крајот на 2006 година спореден со истиот период од 2009 година е намален за 233940 предмети или за 28 %. Исто така, постигнат е значителен напредок и во однос на намалувањето на нерешените предмети. Така, бројот на нерешените предмети во сите судови во Република Македонија на крајот на 2006 година во споредба со истиот период од 2009 е намален за 184608 предмети или за 22%, додека пак бројот на нерешените предмети во основните судови на крајот на 2006 година во споредба со истиот период од 2009 е намален за 197046 предмети или за 23%. Вкупниот обем на работа во судовите во 2009 година спореден со 2006 е намален за 418792 предмети или за 24%, истакна Маневски.

Говор министер Михајло Маневски - целосен текст

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk