Работилница „Проширена конфискација и одговорност на правни лица“  
     
 

06.04.2010

 
 

(МИА) - Проширената конфискација на имот на лица обвинети за потешко кривично дело со учество во организирана криминална група е добра мерка во борбата против организаираниот криминал, но таа треба да се спроведува внимателно, врз основа на претходно обезбедени докази, со цел да не дојде до загрозување на правата, оценија дел од учесниците на денешната работилница „Проширена конфискација и одговорност на правни лица“.

- Со проширената конфискација се опфаќа не само имотот стекнат со кривичното дело за кое тој е обвинето лицето, туку и другиот имот стекнат најрано пет години пред да го стори делото за кое е обвинет, за кој судот треба да е уверен дека потекнува од криминална активност од такви или слични дела, а нема да биде понуден доказ за легално потекло. Фактички кога лицето е обвинето и има такви формулирани обвиненија најпрво се замрзнува таквиот имот, а потоа на обвинетиот паѓа товарот за докажување на легалноста, рече професорот Владо Камбовски на работилницата што ја организира Академијата за судии и јавни обвинители.

Според него, треба да се внимава како ќе се изрекува и спроведуваа оваа мерка, односно да се има цврсти докази пред тоа да се направи.

- Одредени гаранции треба да ги даде Законот за кривична постапка. Обвинителството кое го подготвува предлогот треба да има релевантни сознанија за имотот на обвинетиот, а тие треба да му ги пружат државни институции како УЈП, катастар ... Оваа мерка е комплексна, вклучени се повеќе институции, и дали ќе се изрече оваа мерка зависи колку тие добро ќе си ја завршат работата, додаде Камбовски.

Со ваквиот став се согласува и претседателката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска.

- Потребни се повеќе подготвителни активности од сите органи кои учествуваат во прогонот за да може да се изрече конфискацијата. Потребни се сигурни и конкретни докази, а тоа не е работа на судот, туку на полицијата и обвинителството, а судот треба само да суди врз основ на тие докази, истакна Арнаудовска.

Доколку биде изречена мерка за конфискација со тој имот ќе управува Агенцијата за конфискуван имот, додека не се донесе одлука дали тој ќе се даде на државен орган или ќе биде даден на лицитација.

Проширената конфискација е овозможена со измените на Кривичниот законик кои стапиле на сила на 22 минатиот месец. Нејзиното донесување е резултат на неколку меѓународни конвенции кои се однесуваат на борбата против организираниот криминал.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk