Средба Маневски-Четертон-Вајнинг (Македонија треба да води офанзивна политика)  
     
 

01.11.2006

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска се сретна со  амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Роберт Четертон Диксон и британскиот експерт за корупција Руперт Вајнинг. На средбата стана збор за продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот Маневски ја потенцираше политичката определба на Владата на Република Македонија за реална, наместо вербална заложба за борба против корупцијата. Тој го запозна експертот Вајнинг со законските решенија во Република Македонија, како и со активностите кои се преземаат во насока на спречување и санкционирање на корупцијата.

Министерот Маневски посебно се задржа на местото и улогата што ја има Државната комисија за спречување на корупција во сите овие активности. Тој истакна дека во борбата со корупцијата е важно да се оствари основната цел, а тоа е поврзување на иснтитуциите и проширување на нивната соработка за да се овозможи тимско справување со проблемот.

Министерот Маневски рече дека реформските активности кои се однесуваат на борбата против корупцијата се насочени кон зајакнување на почитувањето на правото и заштита на граѓаните.

Британскиот експерт Руперт Вајнинг рече дека за напредок на процесот на приближување кон Европската унија се потребни  комплексни реформски зафати во областа на правдата и внатрешните работи, како што говорат искуствата од Романија и Бугарија. Тој додаде дека е многу важно постигнување на поголема одговорност на јавниот обвинител, како и кај судството. Г-н Вајнинг рече дека Република Македонија треба да води офанзивна политика во поглед на истакнување на постигнатото во реформите пред меѓународните набљудувачи и Европската комисија. Тој го изрази убедувањето дека Велика Британија ќе ја продлжи поддршката  на реформските процеси во Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk