Конференција на тема :,, Македонската економија: користење на потенцијалот и надминување на пречките‘‘  
     
 

20.04.2010

 
 

             Во организација на Фондацијата Конрад Аденауер  и Европската Бизнис Асоцијација денеска се одржа Меѓународна конференција на тема  - Македонската економија: користење на потенцијалот и надминување на пречките‘‘.

            Целта на Конференцијата  беше отворена и одговорна дискусија за економскиот развој и за поттикнување на евро- интеграциските процеси на Република Македонија со цел да се отворат прашањата за : надминување на бирократските пречки , бирократијата во водењето бизнис и зајакнување на правниот систем.

            Министерот за правда Михајло Маневски се осврна на темата ,,Важноста на правниот систем за функционална пазарна економија: идни предизвици за Македонија,,.

Министерот Маневски истакна дека  пазарната економија не може да функционира без јак правен систем кој подразбира независно судство, стабилни институции, усогласено материјално и процесно законодавство, како и професионални и добро обучени кадри, односно еден систем кој обезбедува правна сигурност како предуслов за инвестиции и деловни односи.

Во таа насока Министерството за правда и Владата на Република Македонија ја преиспитуваат казнената одговорност во над 160 закони што неминовно треба да придонесе кон ревидирање на износот на прекршочните казни  истакна Маневски.

Изминатиот период рече Маневски  беше означен со бројни активности кои без никакви дилеми секојдневно ја зголемуваат правната сигурност на деловните субјекти. Така, измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени во септември 2009 година и тие денес тие веќе се применуваат.

Периодот од донесувањето до примената беше искористен за усогласување на кривичните одредби на повеќе закони со измените на Кривичниот законик. Така, се извршија измени на:

-    Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар,

-    Законот за јавни набавки,

-    Законот за банките,

-    Законот за акцизи,

-    Законот за додадена вредност,

-    Закон за вршење на услуги на брз трансфер на пари,

-    Законот за инвестициски фондови,

-    Законот за игри на среќа,

-    Законот за супервизија на осигурување,

-    Законот за преземање на акционерски друштва,

-    Законот за меница.

Судовите веќе работат со нов Автоматизиран информатички систем за управување со судски предмети (АCCМИS) кој овозможува евиденција и работа со судските предмети и поврзување на надворешни влезни документи со соодветниот судски предмет истакна Маневски.  Воедно на Веб страните на судовите  секојдневно се објавуваат пресуди кои што се достапни за јавноста и странките.

На крајот на своето обраќање Маневски истакна дека посветеноста на Владата на Република Македонија за подобрување на бизнис климата е несомнена. Тоа е јасно видливо  рече тој и од задолжението при изготвување на законски текстови задолжително да се консултираат стопанските комори.

Убеден сум  истакна Маневски дека од вашата работа на оваа денешна средба ќе произлезе размена на искуства и пракса која ќе биде исклучително значајна во насока на идни соодветни измени на законодавството, но и примена на веќе донесените решенија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk