Маневски ги посети словачкиот Збор на затворската и правосудна стража и Центарот за правна помош  
     
 

28.04.2010

 
 

Братислава, 28 април 2010 (МИА) - Македонската делегација предводена од министерот за правда Михајло Маневски тридневниот работен престој во Словачка го почна со посетата на Зборот на затворската и правосудна стража и Центарот за правна помош.

- Искуствата што ни беа пренесени на средбите се драгоцени заради усогласувањето на активностите што се преземаат во Македонија на законодавен план, но и во пракса во однос на бесплатната правна помош, изјави Маневски по средбите.

Словачките искуства за давањето бесплатната правна помош, како што посочи тој, ќе бидат од корист за примената на Законот за бесплатна правна помош, кој во Македонија ќе почне да се имплементира од 1 јули годинава.

Во однос на функционирањето на затворскиот систем, Маневски истакна дека и Словачка, како и Македонија се соочуваат со пренатрупаноста во затворите. На средбата со директорката на Зборот за затворската и правосудна стража Марија Креслвоа на македонската делегација и биле пренесени искуствата во однос на ресоцијализацијата на осудените лица, како и за различните видови на ангажирања на осудениците.

Двете делегации договориле претставници од македонската Управата за извршување санкции и директори на одредени институции да го посетат Зборот на затворската и правосудната стража и некои затвори во Словачка, со цел да ги согледаат искуствата и да најдат решенија за ресоцијализација за осудените лица.  

Маневски попладнево во Братислава, со својата словачка колешка Вијера Петрикова ќе потпише меморандумот за соработка помеѓу министерствата за правда на Македонија и Словачка.

Во состав на македонската делегација се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија Јово Вангеловски и директорот на Академија за обука на судии и обвинители Анета Арнаудовска.

Членовите на двете делегации ќе разговараат за продлабочувањето на правосудната соработка меѓу Македонија и Словачка, а ќе разменат искуства од областа на организираниот криминал и корупцијата од аспект на доследно спроведување на новите законски решенија за кривичната постапка, за функционирањето на затворскиот систем, за бесплатната правна помош, како и за статусната положба на судиите, на обвинителите и на нотарите.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk