Словачка поддршка за Македонија во процесот на пристапување во ЕУ  
     
 

29.04.2010

 
 

Братислава, 29 април 2010 (МИА) – Словачка и дава севкупна стручна и консултативна помош на Македонија во процесот на пристапување кон Европската унија. Ова го изјави словачкиот вицепремиер за легислатива и министер за правда Виера Петрикова доцна синоќа на средбата со македонскиот министер за правда Михајло Маневски, на која беше потпишан Меморандум за соработка меѓу министерствата за правда на двете земји.

- Пријателството почива на взаемното давање на искуствата, а не на давањето финансиска или материјална помош. Споделувањето на искуството е израз на нашето заедничко пријателство. Ќе и дадеме сестрана стручна помош на Република Македонија во нејзиниот пристапен процес до европските структури, нагласи Петрикова.

Министерот Маневски на средбата го презентираше напредокот на Република Македонија и исполнувањето на клучните критериуми за почеток на преговорите со ЕУ.

– Македонија во октомври 2009 година доби позитивен извештај од Европската комисија и ги исполни сите критериуми за добивање датум за почеток на преговори со Унијата. Судските реформи се позитивно оценети и е констатиран напредок во судскиот систем, борбата против корупцијата и организираниот криминал, фундаменталните права и пенитенцијарниот систем, додаде тој.

Изразувајќи благодарност за словачката поддршка во однос на добивањето либерализација на визниот режим, Маневски  истакна дека со тоа се симна бариерата за слободно патување на македонските граѓани во земјите во шенген зоната.

Според Маневски и Петрикова Меморандум за соработка помеѓу министерствата за правда на Македонија и Словачка ќе придонесе кон продлабочување на соработката во областа на правосудството на двете земји.

- Со Меморандумот ќе се овозможи понатамошно развивање на соработката во подготовка на закони и подзаконски акти, во усогласувањето на внатрешното законодавство со европските и меѓународните стандарди, во модернизацијата на правосудниот систем, во дејствувањето во меѓународни организации, во образованието и оспособувањето во правосудството и во извршувањето на кривичните санкции, посочи Маневски.

За време на разговорите договорена е и конкретна соработка и размена на искуства на судии и јавни обвинители што ќе резултира преку потпишување меморандум за соработка на академиите за обука на судии и јавни обвинители.

Посетата на Братислава, според Маневски е од големо значење бидејќи се разменети искуства со словачките експерти во делот на бесплатната правна помош, во областа на судската соработка во кривичната материја и меѓународната правна помош, како и во процесот на усвојување и хармонизација на националното законодавство со европското.

- Словачките искуства за давањето бесплатната правна помош, како што посочи Маневски, ќе бидат од корист за примената на Законот за бесплатна правна помош, кој во Македонија ќе почне да се имплементира од 1 јули годинава. дма

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk