Потпишан меморандум за соработка меѓу Македонската и Словачката академија за обука на судии и обвинители  
     
 

29.04.2010

 
 

Братислава,29 април 2010 (МИА) - Директорите на Македонската академија за обука на судии и јавни обвинители и на Словачката правосудна академија Анета Арнаудовска и Петар Хулла денеска во Пезинок близу Братислава потпишаа меморандум за соработка, јави известувачот на МИА.

Меморандумот подразбира размена на искуства за обука на судии и јавни обвинители и организирање студиски посети помеѓу кандидатите и едукаторите.

Според Арнаудовска, меморандумот ќе значи заемно јакнење на капацитетите на двете институции за спроведување на проекти и за организирање заеднички обуки.

- Утврдивме дека имаме многу сличности во начинот на организирањето на почетната и на континуираната обука на судиите и јавните обвинители, рече Арнаудовска.

Имајќи предвид дека Словачка е членка на ЕУ таа нагласи дека особено ќе биде значајно за Македонија користењето на нивните обучувачи од областа на европското право.

Првиот човек на Словачката правосудна академија рече дека ќе одредат лица за контакт меѓу двете институции кои ќе ја организираат натамошната соработка.

- Ќе ги споделиме информациите со македонските колеги и ќе размениме искуства во однос на меѓународното право, додаде Хулла.

Соработката меѓу македонското и словачкото Министерство за правда според министерот Михајло Маневски е континуирана и тој пат е трасиран. Активностите, како што додаде, ќе бидат насочени на планот на легислативата, на едукацијата на кадрите и на извршувањето на санкциите.

На претпладневната средба со генералниот обвинител на Словачка Доброслав Трнка како што информира Маневски било дискутирано за казненото законодавство.

- Македонија е во фаза на измените на Законот за кривичната постапка кои што во Словачка се направени пред неколку месеци, истакна македонскиот министер за правда.

Според него, се совпаѓаат искуствата и решенијата на македонскиот со словачкиот закон за кривична постапка кој треба да се донесе од Собранието на Македонија, а во кој тежиштето на работата се префрла на јавниот обвинител и неговата положба во кривичната постапка.

Македонската делегација попладнево ќе ја посети Нотарската комора на Словачка каде ќе разговара со претседателот на Комората Мирослав Дуриш. Предвидена е средба и со претседателот на словчакиот Врховен суд Штефан Харабин. дма

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk