Работилница за Законот за меѓународно приватно право  
     
 

07.05.2010

 
 

 (МИА) - Законот за меѓународно приватно право успешно се применува, ги задоволува највисоките стандарди и во него се вградени елементи од меѓународните конвенции, рече министерот за правда Михајло Маневски на денешната работилница на тема „Закон за меѓународно приватно право“.

Тој истакна дека на работилницата ќе се направи процена на тригодишната примена на Законот, каде се неговите слабости кои треба да бидат доуредени.

- Земено во целина, се работи за една легислатива која на ефикасен начин ги разрешува меѓународните односи, особено имотните, брачните и семејните односи, односите помеѓу родителите и децата, овозможувањето меѓународна правна помош во кривичната и граѓанска материја, рече Маневски.

Министерот додаде дека Република Македонија го усогласува своето законодавство со европското. Нашето законодавство, како што рече, треба да стане целосно компатибилно со законодавството на ЕУ, бидејќи тоа е условот за почнување на пристапните преговори за членство во Унијата.

Маневски најави дека е во подготовка и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја.

Професорот на Правниот факултет-Скопје Тони Десковски посочи дека работилницата има за цел да направи пресек на законодавството на Република Македонија, да се лоцираат проблемите со примената на овој Закон и да се презентира актуелната состојба на законодавството во сферата на меѓународното приватно право во ЕУ.

- Имплементацијата на тие решенија е нешто што нас не чека во иднина, во процесот на приближување кон ЕУ, рече Десковски и додаде дека во суштина овој Закон во практиката предизвикува најмалку проблеми.

Според него, има некои поситни отстапувања во судската практика кога на судиите не им е до крај јасно во кој правец треба да се движи нивната работа. Десковски додаде дека во моментов меѓународно приватно право на ЕУ се развива со голема брзина.

Државите кои се во ЕУ, како што рече, директно ги применуваат регулативите на ЕУ, а тоа и нас не чека. - Останатите држави од Западен Балкан одат во ист правец како што одиме ние. Македонија има обврска, согласно Договорот за стабилизација и асоцијација перманентно да го следи законодавството на ЕУ и да го имплементира во сопственото внатрешно право, рече Десковски.

Законот за меѓународно приватно право е донесен од Собранието на Република Македонија, на 4 јули 2007 година, а стапи на сила од 20 јули 2007 година.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk