Слободниот пристап до информации придонес во развојот на демократијата во РМ  
     
 

09.11.2006

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска им се обрати на учесниците на регионалната конференција: „Пристап до информации - најдобри практики и научени лекции“.

„Со донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се придонесува во развојот на демократскиот амбиент на Република Македонија“, рече тој. Министерот потенцира дека со решенијата кои се вградени во него се очекува да се придонесе во афирмирањето на администрацијата како јавен сервис со легитимитет, како и зајакнување на довербата на јавноста во државната власт. 

Определбата на Владата на Република Македонија за отвореност и транспарентност во работењето на органите и институциите со примената на вој закон станува реалност, рече министерот Маневски. Тој информира дека Владата на РМ на синоќешната седница, тргнувајќи од значењето на информирањето на јавноста и транспарентноста во работата, заклучила да се испита можноста за јавно пренесување на седници на Владата или на седници на нејзини органи и тела.  Граѓаните, рече министерот Маневски, имаат право да ги знаат ставовите и одлуките кои што влијаат на креирањето на политиката. Воедно тие имаат право да ги видат документите во изворна форма пред нивното усвојување, односно усвојувањето на конкретната политика. Според него, остварувањето на граѓанското право за слободен пристап до информациите од јавен карактер значи и еден вид контрола врз она што се работи во органите и институциите, чија функција во основа е да ги штити интересите на граѓаните и да им овозможи поедноставно, полесно и побогато живеење.

„Периодот што е пред нас  ќе покаже како и колку вградените решенија во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се во функција на поставените цели  и очекувања. Од она што досега го имаме како сознание очигледна е потребата за поголема афирмација на правата што на јавноста и ги дава Законот, но и на администрацијата за да може прецизно да го имплементира Законот. Ќе требааат уште многу напори и многу работа за надминување на определени бариери, затвореност и шкртост во давањето на информациите, согласно одредбите од Законот и известувањето на јавноста„, рече министерот Маневски обраќајќи им се на присутните на регионалната конференција: „Пристап до информации - најдобри практики и научени лекции“.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk