Прва Регионална работилница за јакнење на статистиката во областа на правда и внатрешни работи во Западен Балкан  
     
 

12.05.2010

 
 

МИА - Разгледување на можностите за воспоставување заеднички индикатори во државите во регионот за следењето на криминалните појави, но и за нивно евидентирање, како можност за нивно превенирање и спречување, има за цел денешната прва регионална работилница за јакнење на статистиката во областа на правда и внатрешни работи во Западен Балкан.

- Криминалната статистика е значајна за државите од Западен Балкан поради транснационалната димензија на корупцијата и организираниот криминал. Тие многу често се прелеваат од една во друга држава, особено во истиот регион, и се здобиваат со иста или слична појавна форма. Поради тоа создавањето на регионални статистички стандарди и воедначувањето на регионалните статистички индикатори од областа на криминалната статистика би придонесло за полесно следење на овие појави и полесно справување со нив, истакна на оворањето на работилницата министерот за правда Михајло Маневски, потсетувајќи на неколку откриени случаи на кривични дела од областа на организираниот криминал во соработка со повеќе држави од регонот.

Според него, не помалку важно е и криминалната статистика за самите држави поединечно, пред се заради зацврстување на сопствените механизми за следење на криминалните појави во нејзините рамки и за сознавање на сопствените капацитети за справување со овие појави.

- Во судовите во Република Македонија воведен е електронски и автоматизиран систем за управување со судските предмети, кој започна да се применува годинава. Тој овозможува електронска евиденција на судските предмети и судските списи во еден систем и поврзување на надворешни документи со соодветен судски предмет, рече Маневски.

Тој додаде дека казнената евиденција за правните лица е во надлежност на Централниот регистар, со ново софтверско решение кое на судовите ќе им овозможи секојдневна достава на пресудите и водење ажурирана евиденција за изречени казни за правните лица, како и дека во тек е воспостување Национална база на податоци за криминалистичкото разузнавање во рамките на МВР.

Претставникот на ЕУ во Македонија Патрик Паке смета дека воспоставувањето на ваквиот систем и индикатори за земјите од регионот е од исклучително значење и за борбата против корупцијата, но и за нивното приближување кон Унијата.

- Собирањето на веродостојни податоци за полицијата и правосудството, можноста тие правилно да се толкуваат за да може да се направи стратегија и на државно ниво, но и во соработка со регионалните партнери со цел да се добијат вистински резултати во борбата против криминалот, рече Паке.

Тој додаде дека заради тоа е потребно да се воспостават мерила кои на ист начин ќе ги толкуваат, препознаваат и евидентираат сите криминални појави

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk