Поставен камен темелник на новата зграда на Кривичниот суд  
     
 

29.05.2010

 
 

Скопје, 29 мај 2010 (МИА) - Премиерот Никола Груевски и министерот за правда Михајло Маневски денеска присуствуваа на поставувањето камен темелник на новата зграда на Кривичниот суд.

Објектот поддржан со околу 8,3 милиони евра заем од Светска банка и од Буџетот на Република Македонија, се очекува да биде завршен за 18 месеци.

- Владеењето на правото е една од темелните вредности на македонскиот уставен поредок. Само општество засновано на правда и правичност може да биде стабилно и просперитетно. Таквиот принцип може доследно да се примени само ако негуваме непристрасен, независен и ефикасен судски систем. А токму ефикасноста во работењето, меѓу другото е поврзана и со поросторните и работните услови на судиите и судската администрација, рече Груевски во обраќањето.

Тој напомена дека Владата во изминатите неколку години презеде низа мерки за сеопфатни реформи во правосудството, со цел обезбедување независен и ефикасен судски систем и владеење на правото.

Според министерот Маневски, во октомври 2009 Македонија првпат доби позитивен извештај од ЕУ за вкупниот напредок и исполнувањето на критериумите за полноправно членство во Унијата кој се однесува и на реформите во правосудниот систем.

- Ефектите и резултатите од спроведувањето на судските реформи покажуваат дека во споредба со изминатите години првпат се бележи намалување на приливот на нови предмети во судовите за 26 отсто, бројот на нерешените предмети е намален за 22 проценти, а најголемо намалување за 80 отсто е евидентирано кај стечајните предмети. Значително се намалува и времетраењето на постапките кај кривичните второстепени предмети кои 98 отсто се решаваат до шест месеци, а граѓанските од 82 до 95 проценти. Позитивните ефекти продолжуваат и годинава, но тоа не значи дека нема место и потреба за уште поефикасни резултати во работата на судовите, потенцира Маневски.

Никогаш досега во македонските судови, додаде, не биле вложени толку средства и напори за подобрување на работните услови, судската опрема и потребната информатичка технологија.

Новата зграда на Кривичниот суд е проектирана на 10 нивоа – две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Предвидени се 74 судски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни од кои една за 200 лица за случаите на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, репрезентативна судница и канцеларии, судски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци, и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила.  Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 метри квадратни.

Камен темелникот на новата зграда на Кривичниот суд го освети Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Говор на министерот за правда Михајло Маневски

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk