Презентиран новиот Закон за инспекциски надзор  
     
 

02.06.2010

 
 

МИА - Систематско регулирање на постапувањето на инспекциските служби, што треба да придонесе за унификација и поголема ефикаснот во нивното работење, како и зголемување на превентивата во контекст на укажување за недоследности и потребата од почитување на законите, треба да овозможи Законот за испекциски надзор кој треба да почне да се применува од 1 јануари наредната година, а беше презентиран денеска.

Во него, покрај другите начела, како законитост, заштита на јавен интерес, објективност, самостојност, материјална вистина... се воведуваат две нови - пропорционалност и превенција.

Министерот за правда Михајло Маневски посочи дека инспекторите треба да ги преземаат оние мерки согласно закон, неопходни за успешно извршување на испекцискиот надзор и за отстранување на недостатоците, при што треба да се внимава да не се попречи ефикасното функционирање на субјектот каде се врши надзорот, додека при рокот што се дава за отстранување на недостатоците да се раководи според тежината на недостатокот и штетните последици кон јавниот интерес или интересот на трети лица.

Tој додаде дека во вршењето на испекцискиот надзор инспекторите треба да вршат превентивна функција, а да ги изрекуваат управните мерки и санкции тогаш кога со превентивната функција не може да се обезбеди целта на надзорот.

- За да се спроведуваат законите доследно, потребен е надзор, што не треба да се чувствува како нешто туѓо, срамно, туку тој треба да биде составен дел на поддршка на стопанските субјекти, на кои треба да им се укаже на определени неправилности. Надзорот треба да биде поропорционален и да биде пред се превентивен, истакна министерот Маневски.

Првиот секретар на германската Амбасада во Македонија Франк Штосел смета дека овој закон, кој како што рече е нов и доста добар, не треба да биде злоупотребен од ниту една страна, ниту од стопанствениците ниту пак од инспекциските служби.

- Овој закон не треба да преставува ѕид помеѓу државата и стопанството, туку мост на кој претпријатијата, стопанството, државата, заедно ќе одат во насока на уште подобар еконoмки развој, подобра клима за инвестиции, рече Штосел.

Поволна клима за биснисот, смета претседателот на Занаетчиската комора на Кобленц Вернер Витлих, им е потребна и на занаетчиите, како помали претпријатија, а не само на поголемите компании.

- Занаетчиството има потреба од поволна клима за економско дејствување. На економскиот успех му е потребна лојална конкуренција и единствени предуслови. Само на тој начин најдобрите можат да ги покажат своите способности. Ова е дотолку поважно за занаетчиските фирми, кои по правило се мали претпријатија, за чија правна сигурност мора да гарантира државата, рече Витлих.

Со законот, меѓу другото, се уредуваат основните начела на инспекцискиот надзор, организацијата на инспекциските служби, координацијата на инспекциските служби, правата и должностите на инспекторите, правата и должностите на субјектите на надзорот, постапката за вршење на инспекциски надзор.

Предвидено е  исто така инспекторите да полагаат стручен испит за да можат да вршат надзор, кој на определен временски период ќе треба да го преполагаат.

 

На Информативната сесија за презентација на Законот за инспекциски надзор беше потпишан Меморандум за соработка со кој се воспоставува стручна  и експертска поддршка  во имплементација на Законот и  подзаконските акти.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk