Меѓународна конференција за улогата на судиите во извршување на судските одлуки  
     
 

04.06.2010

 
 

 (МИА) - Претставување на новиот систем на извршување на судските одлуки во Република Македонија и запознавање со компаративните искуства во извршување на судските одлуки во државите - членки на Советот на Европа, е целта на дводневната меѓународна конференција „Улогата на судиите во извршувањето на судските одлуки во граѓанска, управна и кривична област“.

На Конференцијата, која е прва во рамките на Македонското претседателство со Советот на Европа, учествуваат членовите на Работната група на Консултативниот совет на европски судии кои ќе ги поделат искуствата во врска со извршување на судските одлуки во нивните земји.

- Македонија со брзи чекори оди напред во спроведувањето на судските реформи. Како доказ за тоа е најновиот извештај од мај 2010 година, кои го извршија експерти ангажирани од ЕУ. Тие заклучија дека Стратегијата за судски реформи во Република Македонија е спроведена, донесени се сите закони, а како што се наведува во Извештајот, што се однесува до самостојноста и независноста на судството, навистина се постигнати импресивни резултати, изјави министерот за правда Михајло Маневски. 

Сега, како што посочи, фокусот е на имплементирањето на огромниот број донесени закони.

- Од први јули започнува имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош, веќе се во собраниска процедура законите за парнична постапка, за вештачење, за проценка... кои ги утврди Владата на минатата седница, а во подготовка се и законот за измени и дополнувања на законот за судовите, законот за судскиот совет и за управните спорови. Со законот за судовите се гради систем на кариера. Од 1 јануари 2012 година во основните судови ќе бидат примани само кандидати кои ќе ја завршат академијата за обука на судии и обвинители, изјави министерот за правда.        

Искуства за извршување на судските одлуки на конференцијата ќе пренесат и македонските судии, но како што изјави претседаталот на Врховниот суд на Република Македонија Јово Вангеловски, ќе биде посочено и на новините што ќе почнат да се применуваат од први јули оваа година, со кои судовите во најголем дел ќе се ослободат од извршување на судските одлуки бидејќи тоа преминува во целосна надлежност на извршителите. Во однос на улогата на судиите во кривичната постапка, тој вели, дека веќе е многу поинаква зашто се работи  за следење на начинот на извршување на санкции пред се од аспект на заштита на основните човекови права и слободи.

- Економската состојба секако дека влијае врз работењето на судовите, но она што е основна поента е јакнење на економската независност на судовите, а за таа цел се предвидува и се работи на соодветни законски измени со кои ќе биде овозможено финансирањето на судовите да биде фиксен дел од БДП. На тој начин мислам дека во целост ќе се остранат сите можни влијанија на извршната власт, не од аспект на политички притисок туку од аспект на тоа како судовите ќе можат ефикасно да ја извршуваат својата работа, изјави Вангеловски.

Прашан за политичката независност на судството, претседателот на Врховниот суд рече дека судовите мораат да работат независно, растеретени од било каков притисок.

- Кога зборувам за економската независност, зборувам за целосно осамостојување на судската власт како една од трите власти во Република Македонија, имајќи предвид дека судската власт не е трета туку една од судските власти, рече Вангеловски.                   

Во однос на независноста на судството Орландо Афонсо, судија во Врховниот суд на Португалија и претседател на Консултативниот совет на европските судии вели дека има две работи што може да се направат.

- Едната е независен висок судски совет со мешан состав на судии избрани од фелата и членови избрани од Собранието, претседателот или слично. Втората работа е независноста во однос на статусот на судијата, која може да ја зголеми независноста, а тоа мора да значи и економска независност. Секако дека платата на судиите  зависат и од состојбата на економијата во земјата, смета португалскиот судија Афонсо. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk