Судската соработка во кривичната материја предуслов за поефикасна борба против меѓународниот криминал  
     
 

10.11.2006

 
 

Делегација на Министерството за правда, предводена од заменик министерот Сашо Василевски на 9-ти и 10-ти ноември 2006 година учествуваше на Конференцијата на министри за правда и внатрешни работи во организација на Советот на Европа и Министерството за правда на Руската федерација, на тема “Подобрување на Европската соработка во областа на кривичната материја”.

Заменик министерот Василевски им се обрати на присутните во рамките на работните сесии, при што ја презентираше легислативната рамка во областа на кривичното право на Република Македонија со која се обезбедува меѓународна правна помош, трансфер и екстрадиција на осудени и обвинтети лиза, етаблирана преку измените на Законот за кривична постапка во 2004 година.

Во дискусиите беше потенцирано дека во насока на подобрување на ефикасноста во борбата против криминалот, особено организираниот, е потребно да се интензивира меѓународната судска соработка во кривичната материја. Зголеменото ниво на соработка се очекува да обезбеди и поголемо почитување на Конвенциите на Советот на Европа, а особено Европската кконвенција за човекови права.

На конференцијата беа усвоени заклучоци во кои, меѓу другото, беа потенцирани областите во кои континуираната меѓународна соработка претставува императив. Во таа насока е заклучено дека е потребно да се формира мрежа од контакт лица на национално ниво, создавање на датабаза на постоечките процедури во земјите учеснички, кои што се однесуваат на различните видови на криминал.

Во текот на дводневната конференција, заменик министерот за правда Сашо Василевски оствари неколку билатерални средби со министрите и претставниците на министерствата за правда на Австрија, Германија, Португалија, Србија, Босна и Херцеговина, Романија и Турција. На средбите стана збор за реформите што ги презема Република Македонија во правосудството, како и за зголемените активности во борбата против корупцијата. На билатерално ниво беа договорени повеќе активности за што поуспешно реализирање на реформите. Од страна на претставниците на Португалија беше прифатен предлогот за посета на судии и јавни обвинители од Република Македонија со цел информирање за искуствата од работата на португалската Академија за судии и јавни обвинители.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk