Успешно имплементирана Стратегијата за реформи во судскиот систем во Македонија  
     
 

07.06.2010

 
 

(МИА) - Стратегијата за реформи во судскиот систем во Македонија беше успешно имплементирана во услови на ограничени финансиски средства, недостаток на човечки ресурси и отсуство на техничко искуство за специфични закони.

Ова е еден од заклучоците во извештајот за проценка на имплементацијата на Стратегијата во рамките на проектот ИПА 2007 на Европската унија изготвен од професорот по компаративно право на Универзитетот во Фиренца, Алесандро Симони и експертот за реформи на судството во централна и источна Европа Волфганг Тиде, што денеска беше презентиран пред медиумите.

- Имплементацијата вклучуваше усвојување во краток временски период на огромен број закони и важни технички и организациски промени, изјави државниот секретар во Министерството за правда Биљана Бришкоска - Бошковска.

Во врска со областа на судска независност, како што посочи таа, напредокот е импресивен и системот на формални гаранции е најкомпатибилен со потребата за флексибилност и контрола на професионалната работа.

Експертите извршиле увид и процена на сите претходно добиени и обработени податоци, закони, извештаи, информации, анализи, стратешки документи, истражувања, проценки и други материјали. При тоа, експертите посетиле и консултирале 46 правосудни инстуции, меѓународни и невладини организации.

Министерството за правда, како што рече Бришкоска- Бошковска, е задоволно од извештајот кој дава реална оценка на сето она што е направено во изминатиот период и укажува дека е направен исклучителен напредок во реформите во правосудниот систем.

Таа посочи дека извештајот е прва меѓународна евалуација на постигнувањата во рамки на реформата на правосудниот систем во Македонија.

- Во делот на јавното обвинителство експертите во извештајот имаат наведено дека локалниот систем може да прерасне во модел кој што ќе им користи на сите држави кои сакаат да воспостават баланс помеѓу автономијата на обвинителството, како и ефикасноста на контролата на криминалот, посочи Бришкоска - Бошковска.

Во извештајот, како што нагласи таа се дадени насоките и идните активности на Министерството за правда во делот на продолжувањето на реформите во правосудниот систем.

Забелешките на експертите, како што истакна Бришкоска - Бошковска, ќе бидат земени во предвид при активностите на Министерството за правда, односно при изготвувањето на стратешките документи за продолжување на правосудните реформи.

Во извештајот се посочени препораки за постојано следење на развојот на системот на кариера на судиите и јавните обвинители со цел да се одржи транспарентен систем врз основа на заслуги, ревидирање на резултатите од оценувањето на судиите за да се појаснат стандардите, прецизно следење на одржливоста и правилноста на психолошкиот тест и посебно тестот за интегритет предвиден за прием на Академијата за судии и јавни обвинители, како и ревидирање на постоечките правила за граѓанска одговорност на судиите.

Кога станува збор за реформата на граѓанското право Стратегијата е имплементирана на мошне енергичен начин, но со ограничен обем кога се во прашање правилата за граѓанска процедура каде не постојат напори за извлекување на поуки од многуте модели кои се појавија во интернационален контекст во последните декади, се наведува во извештајот.

Во контекст на тоа, Бришкоска - Бошковска рече дека експертите препорачуваат подготвување компаративна студија за можните радикални реформи на граѓанската постапка, заснована на поуките од сличните системи и следење на нивото на трошоци кога новиот систем за извршување ќе биде целосно оперативен, односно после целиот трансфер на старите предмети.

- За прв пат по 17 години имаше намалување на прилив на предмети во судовите, што пак покажа дека ефикасноста на правдата е порасната, додаде таа.

Како препорака се посочува и проширување на употребата за медијација, следење на праксата кога станува збор за спроведување на новите правила за постапка по жалбата, како и следење на можното влијание на нивото на пристап до правдата за ранливи групи кои произлегуваат од различни реформи.

Изготвувачите на извештајот препорачуваат континуирано следење на праксата на обвинителствата со цел да се увиди како правилата се применуваат во дневната пракса посебно во утврдувањето на приоритетите за обвиненија за кривични дела и употреба на ресурсите, како и одржување на размени со странски јавни обвинителства со цел да се споредат искуствата и решенијата.

Во врска со оценката на работата на судиите во извештајот се вели дека еден од најкомплексните чекори во спроведувањето на Стратегијата е воведување на систем за оценка на работата на судиите.

- Наспроти искуствата на слични држави кои имаат воведено системи за индивидуално оценување на работата на судиите, искуството на Македонија согласно последните податоци дава задоволителни резултати доколу се земат предвид квантитативните параметри, стои во извештајот.

Оценувањето на судиите кое заврши во јули 2009 година, како што е наведено во извештајот, покажа дека 247 судии се оценети со оценка многу добар, 150 судии со оценка добар, 124 судии со оценка задоволува и 45 судии биле оценети со оценка не задоволува.

Оценките за успешната имплементација на Стратегијата, како што рече Бришкоска - Бошковска, обврзуваат да се чекори напред во обезбедување висок степен на самостојност и независност во судскиот систем.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk