Презентирани измените на Законот за парнична постапка и предлог законите за вештачење и процена  
     
 

08.06.2010

 
 

 (МИА) - Поголема ефикасност, законитост во постапувањето, оневозможување на злоупотребата на правата и завршување на постапките во разумен  рок согласно Европската конвенција за заштита на човековите права е целта на измените и дополнувањата на Законот за парнична постапка, како и на предлог-законите за вештачење и за процена.

Како што истакнаа министерот за правда Михајло Маневски и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција во Владата на презентацијата на законите, измените се во рамки на реформите на судството и во функција на подобрување на правната рамка за унапредување на бизнис климата во земјата.

- Со измените се овозможува натамошно јакнење и позиционирање на Судот од една страна и на страните во постапката од друга страна, подвлече Пешевски.

Тој посочи дека со измените на Законот за парнична постапка се создаваат законски претпоставки за побрза и поефикасна парнична постапка, како и за натамошни имплементирања на современите решенија во оваа област. Практично, додаде, се скратуваат роковите на постапката кај сите инстанци со што ќе се овозможи поефикасно справување на правото на субјектите во постапката.

Во однос на Предлог - законот за вештачење Пешевски посочи дека со измените ќе се овозможи навремено ефикасно и стручно извршување на вештачењата во случаи одредени со закон или по барање на заинтересирано лице. Новина е воведување висока професионализација на вештите лица и нивна континуирана обука која со овој закон е задолжителна, потоа воведување на супервештачење. Министерството за правда ќе води регистар на вештaци.

Со Предлог законот за проценка пак, ќе се овозможи идентификација и транспарентност во работата на овластените проценувачи, зголемување на нивната одговорност за квалитетот на извршените проценки, заштита на интересите на корисниците на нивните услуги и извршување на проценка согласно пазарните услови.

- Целта е да се овозможи еднаква положба на сите субјекти на пазарот, посочи вицепремиерот Пешевски. 

Министерот Маневски осврнувајќи се на постигнувањата на новиот закон за извршување потсети дека тој е донесен во 2005 година, а почна да се применува во 2006 година и притоа како што рече, од скромни резултати на почетокот од неговата примена денес резултатите се сосема задоволителни со тренд на пораст.

- Ако во 2006 година имало за извршување околу 6.335 предмети во 2009 година нивната бројка е околу 58 илјади, а само за првите три месеци од оваа година 18.548 предмети. Ако се погледне процентот на степенот на реализација на судските одлуки само во јануари годинава тој изнесувал 54 проценти, а во март 77 проценти, рече Маневски.

Тој посочи дека од 1 јули ќе стартува примената и на одредбата со која околу 258.000 неспорни предмети, главно платни налози за неизвршени комунални такси, ќе преминат од судовите во рацете на нотарите. Ова е во функција и на препораката на Советот на Европа, а ќе овозмо судовите да се занимаваат со материја која е во судска надлежност, додаде Маневски. 

Во однос на измените на Законот за парнична постапка најзначајни новини се задолжителното подготвително рочиште, определените рокови за процесни дејствија, квалитетот на поднесоците и медијацијата во граѓанската постапка. Се предвидува и воведување достава на писмената по електронски пат, тонско снимање на рочиштата, како и парична казна за повреда на процесните права во постапката.

- Од анализите на реализираните случаи кај Европскиот суд за човекови права од Република Македонија утврдивме дека 68 проценти се однесуваат на  правичноста на постапката, од кои 77 отсто од предметите се поради тоа што не е запазено правото на судење во разумен рок. Затоа  пристапивме кон најзначајните измени кои воопшто се некогаш извршени во Законот за парнична постапка кои се во функција на јакнење на правната сигурност, поефикасно и поекономично постапување на судовите и намалување на времетраењето на постапката и создавањето на контрола или скрининг, посочи Маневски.  

 

Правниот систем во функција на бизнис климата – презентација

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk