Министерот Маневски се сретна со претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста  
     
 

10.06.2010

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски попладнево се сретна со претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста, кој е во официјалната посета на Република Македонија.

Во изјава за медиумите по средбата, министерот Маневски рече дека биле разгледани многу прашања за продолжување на натамошната соработка, а најголем дел за поднесените апликации од македонските граѓани до Европскиот суд за човекови права.

- Од 1998 година до денеска до овој суд македонските граѓани поднеле 2.755 апликации, но околу 90 отсто од нив се недопуштени со оглед на тоа дека не ги искористиле сите правни средства што им стојат на располагање. Во моментов во судот се наоѓаат околу 1.070 апликации кои чекаат на одлучување, истакна Маневски.

Министерот потенцираше дека од вкупно 73 пресуди донесени од Европскиот суд за човекови права, околу 70 отсто од нив се однесуваат на повреда на правото на судење во разумен рок.

На средбата, според Маневски, позитивно била оценета надлежноста на Врховниот суд да постапува по жалбите на граѓаните заради повреда на правото на судење во разумен рок. Тој потенцираше дека во последните две години околу 250 судии, јавни обвинители и други службени лица биле во студиска посета на Европскиот суд за човекови права.

По средбата, Жан Пол Коста посочи дека посетата е во рамки на поширока соработка која се остварува со 47 земји-членки на Советот на Европа.

- Нашата цел е да ги заштитиме човековите права, особено во рамките на Европа и да се обезбеди поделена одговорност за почитување на правата. Благодарение на сите реформи кои се преземаат може да се забележи доста значаен прогрес во судскиот систем, рече Жан Пол Коста и додаде дека досега забележани се мал број тешки повреди од Македонија пред судот.

Ова е прва посета на претседател на Судот за човекови права во Македонија. Жан Пол Коста од Скопје патува за Охрид каде ќе присуствува на регионалната конференција на уставни судови.


 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk