Пуштена во употреба новата зграда на Основниот сyд во Гостивар  
     
 

13.06.2010

 
 

(МИА) - Премиерот Никола Груевски и министерот за правда Михајло Маневски денеска свечено ја пуштија во употреба доградената, комплетно реновирана и опремена зграда на Основниот суд во Гостивар.

Реновирањето и опремувањето е реализирано согласно претходно изготвената проектна документација одобрена од Светска банка и инвестиции од Судскиот буџтски совет. Вкупната инвестиција изнесува 459.160 евра, од кои 84 отсто се заем од Светска банка, а 16 отсто буџетско учество во рамки на Проектот на Министерството за правда и средства од Судскиот буџет.

Во Гостивар реновиран е и Апелациониот суд, кој се наоѓа на третиот кат во истата зграда, а за него се потрошени 418.557 евра.

- Во изминатите неколку години Владата и Министерството за правда презедоа низа мерки за спроведување сеопфатни реформи во правосудството во насока на обезбедување независен и ефикасен судски систем, владеење на правото, обезбедување поголема ефикасност во работата и подобрување на судската инфраструктура. Во таа насока, сакам да истакнам дека во историјата на македонското правосудство, изминатите неколку години е инвестиран најголем износ средства кои имаат за цел подобрување на севкупните услови за работа во судовите, рече во своето обраќање премиерот Груевски.

За потребите на Основниот суд, додаде премиерот, реновирани и оремени со мебел се простории во вкупна површина од 2.900 метри квадратни, а во функција на Апелацискиот суд изградени се нови 850 метри квадратни.

Креирањето и создавањето услови за работа на судовите, согласно највисоките европски стандарди се приоритет на Владата и во таа насока ваквите трендови на реформски активности ќе продолжат и натаму, во сите сегменти на македонското правосудство, потенцираше Груевски.

Министерот Маневски обраќајќи се пред присутните истакна дека со обезбедувањето просторни и материјално технички услови за работа во судовите, како и со унапредување и хармонизација на законодавството, се оди чекор напред во заштитата и гаранцијата на основните човекови права и слободи.

Со сите овие активности создадовме услови за ефикасно функционирање на судството, основен предуслов во борбата против криминалот и заштитата на правата на граѓаните, додаде Маневски.

Во рамки на овој проект, пред две недели започна и изградбата на новата зграда на Кривичниот суд во Скопје.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk