Прес конференција на тема : Информација за спроведените активности согласно методологијата за ажурирање на податоците во избирачкиот список  
     
 

17.06.2010

 
 

 (МИА) - Управата за водење матични книги при Министерството за правда заедно со МВР е задолжена до 31 октомври 2010 година да изврши увид во податоците на матичните книги на родени и умрени лица во сите општини за периодот од 1980 до 2010 година, откако во пилот општините Гостивар и Виница е констатирано дека во Избирачкиот список има одредена бројка на починати лица.  

Оваа одлука, како што соопшти денеска на прес-конференција министерот за правда Михајло Маневски, Владата ја донела откако се констатирало дека во Гостивар не е евидентирана смртта на 253 лица, а за 363 се утврдени несовпаѓања на податоците. Во Виница 13 умрени лица не се запишани, а евиденцијата за десет лица не се совпаѓа.  

Од 15 март до 15 април 2010 година извршена е непосредна проверка на 80.830 лица од вкупно 134.699 кои, според податоците на МВР од март 2009 година, биле евидентирани во Избирачкиот список но не и дека поседуваат важечка патна исправа или лична карта. Утврдено е дека 49.981 живеат на адресата на која што се евидентирани во Избирачкиот список, но немаат документи, 16.771 лице дека се наоѓаат во странство според сознанијата од роднини и соседи, 10.817 лица биле иселени но непознато е каде, 2.227 лица имале почнато постапка за вадење документи, а 1.034 лица биле починати.  

Во проверките се констатирани и дупли записи на единствени матични броеви, а иницирана е и проверка на бројот на починатите македонски државјани во странство и во болнички услови.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска не коментираше колку вкупно имиња на починати лица има во Избирачкиот спиок, но посочи дека станува збор за обемна и комплексна операција и оти сите починати лица ќе бидат избришани од него.

Според податоците од мај 2010 година во регистарот на државјани на Република Македонија се запишани  два милиони 406 илјади и 268 лица. Полнолетни државјани се еден милион 878.297 лица, додека малолетни се 527.971 лице. Во Избирачкиот список се запишани еден милион 792 илјади избирачи. Разликата меѓу бројот на население и државјаните, Јанкуловска го објаснува со фактот дека лицата кои недостасуваат не се попишани бидејќи не биле во Република Македонија за време на пописот или физички биле отсутни кога се вршела постапката. - Процентот на гласачи во Република Македонија е во вообичаени рамки, изјави министерката за внатрешни работи.

Министерот за правда Маневски информираше дека многу скоро ќе бидат објавени новите измени на Изборниот законик, во кои се опфатени и решенијата за гласање на дијаспората, изготвени користејќи ги искуствата од земјите каде веќе има вакво гласање. Јанкуловска рече дека ќе бидат упатени јавни повици до лицата кои не живеат во Македонија да ги ажурираат своите граѓански статуси. Исто така се повикуваат граѓаните кои не живеат во Македонија повеќе од три месеци исто така да го одјават својот престој од земјата.

За што посеопфатно ажурирање на Избирачките списоци, Владата побарала дипломатско-конзуларните претставништва да ги ажурираат податоците за умрените македонски државјани во странство и да праќаат копии од нивните изводи, Министерството за транспорт и врски да подготви измени на Законот за гробишта и погреби, така што да не може да се изврши погреб без документи, и тоа да биде казниво.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Новаковски изјави дека највисокото изборно тело е подготвено да спроведе евентуални предвремени избори или редовни избори.

Активностите што се преземаа во однос на Избирачкиот список и измените на Изборниот законик се според препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk