Годишна конференција за оценка на остварувањето на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата  
     
 

18.06.2010

 
 

(МИА) - Правосудството, царината и работењето на администрација се областите со најчеста појава на корупција, која е присутна и во сите други области, но со помал обем, оцени денеска претседателот на Државната корупција за  спречување на корупцијата Иљми Селами. 

- Состојбата со корупцијата е загрижувачка и  Антикорупцијата комисија прави се да ги анимира сите чинители во државата да се вклучат повеќе во овој процес затоа што е потребно да се отвори широк фронт во борбата против неа за да бидеме успешни, изјави Селами одговарајќи на новинарски прашања на годишната конференција за оценка на остварувањето на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата.

Според Селами, повиците на Антикорупциската комисија до функцонерите при судир на интереси имат ефекти, но неопходно е и тие да дадат личен пример.  - Зарем треба да се повикаат некои носители  на централна или локална валст да излезат од состојба на корупција? Кога веќе еднаш превентивно  ќе ги повикате тие треба да дадат личен пример и сами да преземат чекор во покажување добра волја,  рече Селами и посочи дека со декларативното залагање, односно непостапувањето по повиците од институциите   политичката волја замира.

Соработката на Антикорупциската комисија со Јавното обвинителство,  посочи Селами, е на соодветно, но не и на одлично ниво.  - Јавното  обвинителство очигледно има потреба да ја интензивира работата во областа на процесуирањето на  иницијативата од работата на Антикорупциската комисија, како и на другите  институции со цел борбата против корупцијата да биде успешна. Подобра превентива од успешна репресија на случаите на корупција нема, рече Селами.

Министерот за правда Михајло Маневски смета дека Македонија напредува во борбата против корупцијата од аспект на капацитетот на институциите и воспоставената законска рамка која постојано се доградува.  Како значајни законски решенија ги наведе  Законот за спречување на судирот  на интереси, измените во Кривичниот законик особено во делот на проширената конфискација, а најави и измени во  Законот за спречување на корупцијата и во јавниот и во приватниот сектор. - Се на се Македонија гради капацитети  и институции и постигнува ефекти што треба да значат заштита на граѓаните да не  бидат жртви на корупцијата. И натаму ќе преземаме енергични мерки со цврста определба за борба против корупцијата без оглед за кого и за какви  состојби се работи, истакна Маневски.

Напредокот на Македонија во борбата против корупцијата и нејзиното значење од аспект на евроинтеграциите на отворањето на конференцијата го истакна вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски.

Етичките вредности и искоренувањето на оваа појава  придонесуваат за зацврстување на државниот систем, а напредокот на Македонија во оваа област е истакнат и во Извештајот на Европската комисија, рече Наумовски.
 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk