Започна проектот: Поддршка за поефикасно , ефективно и модерно работење и функционирање на Управниот суд  
     
 

18.06.2010

 
 

            Денеска во Инфо центарот на Европската унија  свечено беше одбележано отпочнувањето на проектот финансиран од Европската Унија: Поддршка за поефикасно, ефективно и модерно работење и функционирање на Управниот суд.

            Пред присутните се обрати  министерот за правда Михајло Маневски кој рече дека  овој проект  ќе го поддржува функционирањето на Управниот суд кој претставува еден многу значаен сегмент од реформите на судскиот систем во Република Македонија.

      Владата на Република Македонија и Министерството за правда рече Маневски преземаат ефикасни мерки за спроведување на сеопфатни реформи во правосудството во насока на обезбедување на независен и ефикасен судски систем и владеење на правото.

            Основните приоритети во евро-интеграциските процеси на  Република Македонија се јакнењето на независноста и зголемувањето на ефикасноста на судството. Притоа, нагласи Маневски правосудните институции ја имаат главната улога во остварувањето на правдата и претставуваат основна гаранција за правата и слободите на граѓаните.

            Управното законодавство и Управниот суд како гарант на истото се неопходна потреба за граѓаните на Република Македонија заради  остварување  и заштита на човековите права и слободи гарантирани со уставот и законите и меѓународните норми, истакна Маневски.

            Согласно Извештајот за работата на Управниот суд на РМ за 2009 година,  информираше Маневски, условите за работа во Управниот суд, од гледна точка на просторно сместување и техничка опременост на Судот, се подобрени во позитивна смисла, набавена е дополнителна техничка опрема, воведен е интернет, додека во последниот квартал од годината започна и ефективно користење на Автоматизираниот компјутерски систем за водење судски предмети (ACCMIS), со што се овозможи автоматско распоредување на новопримените предмети во Судот, на судиите, формирање електронски предмети во кои се внесуваат сите релевантни податоци од хартиените уписници и предмети, следење на движењето на предметите во Судот, креирање и изработка на одлуки, нивна верификација и анонимизација, изработка на извештаи за работата на овој Суд, како и објавување на анонимизираните одлуки на интернет страната на Управниот суд.

            Во процесот на континуирана едукација, додаде Маневски  судиите од Управниот суд учествуваа на бројни советувања и семинари во земјата и во странство, организирани преку Академијата за обука на судии и јавни обвинители или од други организатори, на теми од значење за функционирањето на судството во Република Македонија.

            Се надевам  рече Маневски дека во сето тоа и Управниот суд и овој проект финансиран од ЕУ кој денес свечено се отвора ќе даде свој придонес.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk