Идната недела стартува Законот за бесплатна правна помош  
     
 

03.07.2010

 
 

 (МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска пред граѓаните на општина Илинден и Сарај го презентира Законот за бесплатна правна помош чија имплементација стратува од 7-ми овој месец.

Македонија прв пат носи ваков Закон со кој се остварува основното човеково право - еднаков пристап до правдата за сите граѓани независно од нивната метријална состојба. За неговото реализирање се обезбедени 12 милиони денари.

- Станува збор за исклучително значаен проект со кој државата практично се доближува до граѓаните, им обезбедува стручна правна помош наместо да лутаат од една до друга канцеларија и да се распрашуваат каде и како да добијат правен совет. Им овозможува да ги прашаат службите како да ги реализираат своите права и тоа е целта, зашто луѓето најчесто не знаат што да сторат па се консултираат со пријатели, соседи, и грешат, рече Маневски.

Тој напомена дека ниту еден граѓани не смее да не го оствари своето право зашто нема доволно пари.

Согласно Законот, бесплатна правна помош може да добијат корисници на социјална помош, корисници на право на инвалидски додаток кои не остваруваат други приходи, корисници на најниска пензија кои живеат во семејна заедница со две или повеќе лица издржувани од нив, семејства или самохрани родители кои остваруваат право на детски додаток, лица со право на азил, внатрешно-раселени, раселени или прогонети лица со престојувалиште во Македонија, странски државјанин кој согласно меѓународните договори остварува право за кое е надлежен македонски државен орган, лице без државјанство кое законски престојува во земјава и државјанин на ЕУ земја - членка под услови утврдени со Законот.

Бесплатната правна помош предвидува две категории, претходна, што ќе ја даваат вработените во Министерството, а опфаќа општи и правни информации/совети, како да се подготви барање за добивање формална правна помош, и стручна, што се однесува на составување тужби, жалби, вклучување во судска или управна постапка, за која се задолжени адвокатите.

Во тек е изготвувањето регистри на адвокати и граѓански здруженија кои ќе даваат бесплатна правна помош. По нивното финализирање, најави министерот, ќе бидат јавно објавени.

- Граѓаните кои имаат потреба, најпрво поднесуваат барање за добивање бесплатна правна помош до Министерството кое, по најдоцна 30 дена, треба да донесе решение со кое ќе овозможи користење адвокат што граѓанинот сам го избира, објасни Маневски.

Правна помош ќе даваат подрачните единици на Министерството во вкупно 34 општини. За таа цел, секои три месеци, по претходна објава во весник и во месните заедници, специјално опремени возила (подвижни правни канцеларии) со претставници на Министерството, адвокатската и нотарската комора, Комората на извршители и медијатори, ќе ги посетуваат населените места и директно ќе разговараат со граѓаните.

- Ќе доаѓаме за бесплатни правни совети, да ве упатиме што е потребно да сторите за да го реализирате своето право, да ви кажеме дали и каде да поднесет тужба, жалба, молба. Секои три месеци ќе објавуваме во весник и преку месните заедници и матичните служби, кое од населените места ќе го посетиме за граѓаните навреме да бидат информирани, рече министерот.

Поздравувајќи го донесувањето на новото законско решение, граѓаните од општина Илинден истакнаа дека од особено значење е тоа што службата доаѓа кај нив, наместо тие да одат во град, дополниетелно да трошат и да се малтретираат. Некои предупредија дека Министерството, при спроведувањето на Законот, мора да предвиди и да спречи евентуални обиди за корупција што досега често било случај.

Адвокатите кои со министерот Маневски го посетија Илинден им порачаа на жителите да ги заборават надриписарите и за се што сметаат дека е потребно, да им се обратат.

- Сметам дека овој Закон конечно ќе го реши прашањето на надриписарството. Ако нему му се обратите, ќе ја згрешите правдата. Адвокатите се професионалци и само тие можат вистински да ви помогнат, изјави претседателот на Адвокатската комора Ненад Јаничевиќ. 

Министерот Маневски, адвокатите и нотарите по Илинден, ја посетија и општина Сарај каде, исто така, го презентираа новото законско решение.

Законот за бесплатна правна помош е донесен на крајот од 2009 година. За негово поефикасно спроведување се донесени и шест правилници и подзаконски акти.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk