Пуштена во употреба пекарата во КПД Идризово  
     
 

07.07.2010

 
 

 (МИА) -  Во Казнено-поправниот дом Идризово денеска е пуштена во употреба пекара, која ќе ги задоволува потребите за леб и бели печива на КПД Идризово, на затворот Скопје и на воспитно поправниот дом Тетово.


- Пекарата функционира по ХАЦЦП стандардите, со капацитет за производство на 1.500 леба за осум часа, а ќе бидат ангажирани осудени лица во три смени, рече на отворањето на објектот министерот за правда Михајло Маневски.

Преку програмата ЕУ/КАРДС 2006, како што појасни Маневски, обезбедени се вкупно 31.933.936 денари за пекара, перална, котлара и кујна во КПД Идризово.

Објектите во КПД Идризово, чии градежни работи за инфраструктурата се завршени со средства обезбедени преку Програмата КАРДС 2006, се ставени во функција со нивното опремување обезбедено со средства од државниот Буџет.

- Реализираните и планираните активности за изградба, реконструкција, одржување на објекти и опремување на казнено - поправните и воспитно - поправните установи ја покажуваат определбата на Владата и на Министерството за правда за подобрување на инфраструктурните, просторните и работните услови во затворите, со цел постигнување на што поуспешна ресоцијализација на осудените лица и нивно оспособување да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот, истакна Маневски.

Патрик Паке од Канцеларијата на Европската унија во Скопје посочи дека повеќе од 2,5 милиони евра се инвестирани изминатите години за реформите во затворскиот систем.

- Општетството може да се вреднува според начинот на кој функционираат затворите, рече Паке и додаде дека амбиција на општетвото е да гледа напред кон иднината и да ги подобрува условите во затворите.

Тоа, според него, не е социјален предизвик, туку и гаранција дека лицата кои што ќе бидат осудени ќе може еден ден повторно да му се вратат на општетсвото од кое доаѓаат во најдобри можни услови и да дадат свој придонес.

Министерот Маневски одговарајќи на новинарско прашање рече дека затворот Куманово ќе биде прв кој ќе биде дограден и ќе има капацитет од 250 лица, со што ќе се растовари КПД Идризово.

На прашањето во однос на забелешките на Хелшинскиот комитет за лошите услови во затворите, Маневски рече дека се додека ги гледаат работите од канцеларија ќе се добиваат такви извештаи.

- Хелсиншкиот комитет ги гледа работите од канцеларија. Меѓутоа треба да дојде да види затворот во Штип, во Прилеп, да дојде да види што работиме. Мислам дека од канцеларија можеме да даваме извештаи меѓутоа очигледно е дека со напорите на Министерството за правда ние чекориме напред, вели Маневски.

Според народниот правобранител Иџет Мемети отворањето на пекарата е добар чин и треба да се продолжи и натаму со конкретни проекти и активности.

- Сметаме дека во иднина е добро овие проекти да се реализираат се со цел да се прошират просторните капацитети на затворските системи на Македонија, да се подобрат условите во сите затвори. Секако дека треба да имаме кадар кој ќе придонесе лицата кои издржуваат казна затвор од затворите да излегуваат ресоцијализирани и сето тоа поради тоа состојбите што сме ги детектирале. Јас сум убеден и сметам дека овие активности треба да продолжат со се позајакнати чекори се со цел да имаме конкретно завршени работи, рече Мемети.


Тој истакна дека во Македонија има стар затворски систем, поради што се подготвени стратегии и разни проекти за да се подобрат состојбите.

Пекарата е отворена во рамките на Програмата за финансирање на изградба, реконструкција, одржување на објекти и опремување на казнено - поправните и воспитно - поправните установи за 2010 година

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk