Маневски и Јанкулоска во Брисел на средба со министрите за внатрешни работи и за правда на ЕУ  
     
 

15.07.2010

 
 

Република Македонија е активно вклучена во борбата за сузбивање на организираниот криминал и корупцијата, за што е неопходна континуирана и зајакната соработка на правосудните власти и на органите на прогонот.

Ова за МИА го изјави  министерот за правда Михајло Маневски од Брисел, каде што учествува на дводневната работна средба на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите членки на Европската унија и државите кандидати за членство во Унијата.

На состанокот во Брисел, како што рече Маневски, се разгледуваат повеќе прашања од аспектот на функцијата на министерствата за внатрешни работи и за правда во доменот на организираниот криминал и корупцијата со кој се соочуваат сите држави, големи или мали, развиени или помалку развиени.

Во своето утрешно обраќање пред учесниците на собирот, македонскиот министер за правда ќе нагласи дека криминалот и глобалната закана од тероризмот не познаваат граници, ниту институционални, ниту пак политички и токму поради тоа, како што вели, државите на Европа мора да бидат подготвени одлучно да одговорат на овој заканувачки предизвик, за нивната безбедност и за безбедноста на нивните граѓани.

- Евроџаст има исклучително големо значење во соработката во истрагите на јавните обвинители и она што треба да значи во соработка за сузбивање и истражувањето на најтешките казнени дела од областа на организираниот криминал и корупцијата, вклучувајќи го тука и тероризмот, рече Маневски.

Министерот  Маневски истакна  дека за спроведување на ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата треба да се посветува внимание на транспарентноста во работата, на подигнувањето на нивото на јавната свест на граѓаните, како и континуирано да се работи на институционално зајакнување на органите на прогнот и на нивната едукација за ефикасно спроведување на постапките против кривичните дела.

Пред учесниците на состанокот македонскиот министер за правда ќе ги посочи измените во македонското казнено законодавство. - Со измените во Кривичниот законик којшто се применува од 22 март 2010 година, се воведува проширена конфискација, се прошири кривичната одговорност на правните лица и се зголемени казните за некои од посериозните кривични дела со тоа што се предвидува и облигаторна мерка на изрекување на забрана на бавење со одредено занимање,должност или дејност, рече Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk