Јавна расправа за измени на законската рамка во делот на правосудството  
     
 

21.07.2010

 
 

МИА - Измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, на Законот за судовите, на Законот за судска служба, на Законот за судски буџет, како и на Законот за управни спорови гарантираат  долгорочна основа  за ефикасно вршење на судската функција.

- Измените и дополнувањата на овие  пет закони значи стручно, совесно и одговорно вршење на функцијата од страна на судиите и јавните обвинители. Тие се гаранција на вршењето на судската функција и целосно менување на односите во врска со начинот на унапредувањето и оценувањето на работата на судиите, истакна денеска министерот за правда Михајло Маневски на јавната расправа во Врховниот суд на Република Македонија.

Со измените и дополнувањата на Законот за Судски совет, како што нагласи Маневски, се вградуваат одредби кои се однесуваат на работењето на Судскиот совет кога се поведува дисциплинска постапка или се постапува за нестручно и несовесно работење на судиите.

Судскиот совет, со измените на Законот за судскиот совет, добива надлежности кои досега беа уредени со двата правилника, за кои пак Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на нивната уставност.

- Уставниот суд смета дека тоа треба да биде уредено со закон и токму поради тоа во Законот за судскиот совет се вградуваат одредбите кои се однесуваат на работењето на Судскиот совет, кога се поведува дисциплинска постапка или постапка за нестручно и несовесно работење, истакна министерот за правда.

Со овие измени, како што додаде, не и се пркоси на одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста на одредени одредби во правилниците врз основа на кои беа разрешени околу 40 судии.

- Многу е претешко да кажете дека му пркосиме на Уставниот суд. Напротив ние постапуваме согласно одлуката за поведување постапка за овие акти, бидејќи прашањето кое треба да се уреди, треба да се уреди со закон. Тоа е законска материја, не е материја која треба да се уредува со правилници, изјави Маневски. Според него, ниеден од судиите не е разрешен противуставно.

Седниците на Судскиот совет на кои ќе се одлучува за поведување дисциплинска постапка од сега па натаму ќе бидат отворени за јавност, освен одредени седници кои ќе бидат затворени заради заштита на лични податоци.

Со измените и дополнувањата во Законот за судовите од 1 јануари 2012 година за судии во основните судови ќе можат да се кандидираат лица кои ја завршиле Академијата за обука на судии и јавни обвинители, а унапредувањето во повисоките судови ќе биде само од пониските судови.

- Со ова ќе се гради систем на кариера, кој ќе се заснова на објективна оценка на судиите. Ако се укинат повеќе од 20 проценти од пресудите или се изменат 30 отсто од пресудите донесени од страна на еден судија, тоа може да биде основа за поведување на дисциплинска постапка, рече Маневски.

Квалитетот на вршењето на  функцијата, како што рече министерот, значи исполнување на неколку критериуми, како познавање на странски јазик, воведување психолошки тестови и тестови за интегритет.

Во измените и дополнувањата на Законот за судовите, Маневски посочи дека се воведува ново начело на транспарентност што значи во рок од два дена судијата да ја објави пресудата  на веб страницата и во секој суд да се отвори канцеларија за односи со јавноста, каде граѓаните ќе може да добијат информација за остварување на своите права.

Со измените и дополнувањата пак на Законот за управни судови се воведува Виш управен суд, кој ќе одлучува по жалбите поднесени за одлуки на Управниот суд. Маневски додаде дека е предвидено Вишиот управен суд да биде формиран во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на Законот за управните спорови.

Измените и дополнувањата пак на Законот за судски буџет, како што рече министерот за правда, обзебедуваат независен судски буџет, со издвојување одреден процент од Бруто домашниот производ, со што судството би стекнало комплетна независност и би се заокружиле судските реформи.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk