Први избори за членови на Судскиот совет на РМ од редот на судиите  
     
 

14.11.2006

 
 

Утре, 15-ноември-2006 година, ќе се одржат првите тајни и непосредни избори за членови на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите. Овие избори ги спроведува Комисијата за прв избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите, формирана од министерот за правда и Врховниот суд на Република Македонија.

Право на глас имаат 625 судии, кои ќе можат да гласаат на 31 изборно место, од 8 до 15 часот.

За осумте места во Судскиот совет на Република Македонија, кои согласно Уставот се определени за судиите, ќе се  бира меѓу 53 утврдени кандидати на четирите општи листи за четирите апелациони подрачја, опшатата листа за Врховниот суд и единствената посебна листа за припадниците на сите заедници кои не се мнозинство во Република Македонија.

Комисијата за прв избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите треба да ги објави резултатите од гласањето, согласно Законот за Судски совет на Република Македонија, најдоцна до 15 часот на 17-ти ноември 2006 година.

Избирачките одбори до 18 часот на денот на гласањето треба да состават Записник за гласањето и да го достават до Комисијата за прв избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите во рок од 24 часа од крајниот рок за составување на Записникот, односно до 18 часот на 16-ти ноември 2006 година.

Согласно Законот за Судски совет на Република Македонија, Комисијата ги сумира резултатите од избирачките места и ги утврдува изборните резултати во рок од 48 часа од моментот на завршување на изборите, односно до 15 часот на 17–ти ноември 2006 година.

Судскиот совет на Република Македонија, согласно амандманот дваесет и осум на Уставот на Република Македонија го сочинуваат петнаесет члена од кои по функција членови се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда, осум членови избираат судиите,  тројца избира Собранието на Република Македонија, двајца предлага Претседателот на државата, а ги избира Собранието. Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години, со право на уште еден избор.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk