Во затворот во Шуто Оризари во функција новиот алармен систем и системот за видео надзор  
     
 

22.07.2010

 
 

(МИА) Министерот за правда Михајло Маневски денеска во затворот во Шуто Оризари присуствуваше на предавање во употреба на реновираните адвокатски и санитарни простории во Притворското одделение и ставање во функција на новиот алармен систем и системот за видеонадзор, инвестиција вредна околу 8.000.000 денари.

Вградени се нови 56 камери со што сега во затворот функционираат 112 камери. Доколку некој од затворениците се обиде да направи недозволено дејствие, алармниот систем реагира, а исто така, оневозможува и користење мобилни телефони, односно ја блокира батеријата.

Очигледно системот кој го вградивме ќе овозможи ефикасна заштита. Покрај ова, континуирано се работи и на едукација на кадарот, бидејќи се остваруваат периодични програмирани активности со вработените лица во казнено-поправните институции во врска со остварување на висока безбедност во затворите и спречување на корупцијата, изјави министерот Маневски.

Тој потенцираше дека работите се одвиваат според утврдената динамика, а средствата во износ од 46 милиони евра од Банката за развој на Советот на Европа наменети за реконструкција на затворите рационално се користат.

Во изминатите неколку години изградено е ново притворско крило во чии рамки се изградени осум шеталишта, набавена е опрема која вклучува шкафови, маси, кревети и нова постелнина, а санирани се и три подрумски простории. Исто така, поставени се дрвени сандачиња со клуч за ставање на мобилните телефони за вработените во Секторот за обезбедување и метални сандачиња за жалби и поплаки.

Покрај останатото, до постојната трасфостаница за електрична енергија поставен е нов агрегат за целосно задоволување на потребите на затворот во Шуто Оризари, во 20 притворски простории извршено е комплетно реновирање, а набавена е и монтирана опрема за теретана.

Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во земјава опфаќа обнова, реновирање и изградба на нови објекти во „КПД Идризово“, „Затвор Скопје“, „ВПД Тетово“ и „Затвор Куманово“.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk