Министерот Маневски и германската амбасадорка Кноц во посета на Затворот во Штип  
     
 

23.07.2010

 
 

Штип. 23 јули 2010 (МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски и амбасадорката на Германија Улрике Кноц денеска беа во обиколка на Затворот во Штип, со цел да извршат увид во реализацијата на инвестициите и на условите за престој и работа на лицата кои издржуваат затворска казна.

Министерот Маневски е задоволен од инвестициите во спортските терени, во делот за примање на примарна здравствена заштита и вградувањето нов систем за видео надзор во затворот.

- Во новиот систем за видео надзор се вградени нови 64 камери со што се овозможува да се има увид во затворот. Во делот на здравствената заштита опремена е нова стоматолошка ординација, што е исклучително важно за обезбедување на квалитетна здравствена заштита, изјави Маневски.

Тој како позитивен пример го исткна и проектот за соларниот систем, кој веќе е во втора фаза, како и изградените нови спортски терени и комплетно опремената трепезарија и кујна за осудениците.

- Овој затвор е со високи стандарди и секако тоа се должи на активностите кои ги остварува Управата за извршување на Министерството за правда, пред се на активностите на персоналот и раководството, рече Маневски.

Министерот за правда најави дека во тек е решавањето на проблемот со притвореничките случаи, бидејќи лицата од источна Макеоднија на кои им е одреден притвор, се пренесуваат во притворските одделенија во Прилеп или во други градови.

- Веќе сме во завршна фаза за изградба на Затворот во Куманово, каде што ќе има капацитет за 250 лица и од тие 50 се притворски дел, така што тој затвор  ќе ги опфаќа лицата кои што ќе издржуваат мерка притвор од овој дел на Македонија, со што ќе нема потреба да бидат носени во Прилеп или други градови, вели Маневски.

Тој најави и дека денеска во владините комисии влегуваат во процедура пет закони од областа на судството.

- Тоа се законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, Законот за судската служба, Законот за судскиот буџет и Законот за управните спорови. Во Законот за судовите се вградува одредба која што овозможува поведување постапка за нестручно или несовесно вршење на функцијата на судијата доколку Судот за човекови права и Врховниот суд на Македонија утврдат дека по вина на судијата постапката траела долго или не е завршена во разумен рок, информира Маневски.

Тој потенцира дека законите за парнична постапка и за кривична ги определуваат роковите колку време треба да трае еден судски процес, за колку време треба да се објави пресудата од страна на судијата и да се објави на веб страницата на основните или второстепените судови.

Амбасадорката на Германија Улрике Кноц истакна дека условите во затворите се многу важни кога се оценува состојбата во областа на човековите права.

- Задоволна сум што денеска во Штип можам да направам сопствена слика за инвестициите и за напорите кои ги прави македонската Влада за подобрувањето на условите за затворениците, рече Кноц.




 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk