Маневски: Со измените на Законот за спречување на корупцијата ќе се зајакне капацитетот на Антикорупциската комисија  
     
 

27.08.2010

 
 

МИА - Со предлог законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата не се врши никаков упад,  ниту има каква било тенденција за вработување партиски кадри во Државната комисија за спречување на комисијата, изјави денеска министерот за правда Михајло Маневски.  

Целта на законските измени кои се во нацрт-верзија, појасни Маневски, е со професионално вршење на функцијата на членовите на Државната антикорупциска комисија да се зајакнат местото и положбата на Комисијата бидејќи на тој начин целосно ќе бидат посветени на работата.

Маневски потсети дека идеја за професионално вршење на функцијата на членовите на Комисијата имало уште пред две години при измените на Законот за спречување на корупцијата, но таа одредба тогаш не била прифатена.  Но, тргнувајќи од препораките на  Европската комисија каде се укажува на професионално вршење на  членовите на Антикорупциската комисија, очигледно е дека со измените на Законот ќе се обезбеди поефикасно вршење на нејзината функција, истакна Маневски.

Според него, не може да се продолжи мандатот на постојните членови на Комисијата со трансформација од вршење волонтерска функција во професионално затоа што законот предвидува процедура за нивниот избор.

- Тие ќе се избираат на јавен оглас, кој ќе се објавува во најмалку два весника,  од кои едниот на јазикот кој го употребуваат припадници на заедниците кои не се мнозинство во државата. Предложените кандидати во определен рок ќе се пријават, а Собранието на предлог на  Комисијата за прашање на изборите и именувањата ќе ги избере членовите на Државната комисија. Не гледам ништо што е надвор од рамките на една вообичаена процедура  за донесување на еден закон, рече Маневски.

Тој истакна дека нацрт верзијата на законот е доставена до владините секретаријати за законодавство и за европски прашања, кои дале поддршка на законите, како и до Антикорупциската од каде се уште се чека мислење.  

Целта е ефикасна  борба против корупцијата, зајакнување на капацитетот на Државната комисија за спречување на корупцијата и целосно посветување  на членовите на Комисијата само на работата во борбата  против корупцијата како нивна професионална обврска, рече Маневски.

Министерот за правда тврди дека работата на сите државни институции за борба  против корупцијата  не  е доведена во прашање поради недостаток на материјални средства.  Се работи за антикризни мерки и од сите институции се бара да вложат максимум напори да ги вршат  функциите во рамки на расположивите средства, укажа министерот за правда.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk