Маневски: Конфискуван нелегално стекнат имот во вредност од 15 до 20 милиони евра  
     
 

02.09.2010

 
 

 (МИА) - Државата конфискува имот стекнат на нелегален начин во вредност од 15 до 20 милиони евра, истакна на денешната прес-конференција министерот за правда Михајло  Маневски, додавајќи дека имотот е одземен од осуденици со правосилна пресуда.

Маневски  информира дека со изречените конфискации на имотот во случаите „Миодраг Марковиќ“, „Живко Ефтимовски“, „Даравелски и Доцевски“, „Борко Марковиќ“, „За трговија со малолетно лице“, „Славија“ и „Бачило“, одземени се станови, деловни објекти, хартии од вредност и акции во неколку банки низ државава. Конфискацијата е спроведена бидејќи лицата кои се осудени за кривично дело перење на пари и злоупотреба на службена должност, не го вратиле нелегално стекнатиот имот.

Според министерот, најсилниот инструмент во борбата против криминалот, а особено против корупцијата е конфискацијата на имотот и одземање на имотната корист, како и одземање на предметите со кои е извршено кривичното дело, кои се стекнати со извршеното кривично дело или се искористени за извршувањето на кривично дело.

- Никој во Република Македонија не може да стекне било каква имотна корист со извршено кривично дело, тоа станува работа која не се исплатува. Во последните години засилена е битката против организираниот криминал и корупцијата, нагласи Маневски.

Согласно Кривичниот законик, како што посочи министерот, никој не може да се стекне или задржи посредна и непосредна имотна корист прибавена со извршено кривично дело. Имотната корист прибавена со извршено кривично дело се конфискува со судска одлука со која е утврдено извршување на кривичното дело.

Со правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 1 од октомври 2008 година Миодраг Марковиќ  е осуден на казна затвор во траење од четири години за кривично дело „перење на пари и друга противправна имотна корист“. Со пресудата на осудениот се одзема во корист на Република Македонија имот во вредност од околу девет милиони евра.

- Осудениот Марковиќ бил должен во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата да ги уплати средствата во корист на државата, но тоа не го сторил и притоа му е конфискувана вила на Водно, куќа во Охрид, деловен простор во центарот на Скопје, хартии од вредност во банки и акционерски друштва... До наплатата на вкупниот износ од околу девет милиони евра ќе се продолжи со извршување на пресудата, појасни Маневски.

Со правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 1, од декември 2005 година Живко Ефтимовски - сопственик на приватна фирма „Фаматек“ од Ресен е осуден за злоупотреба на службената положба и од него се пленува имотна корист прибавена од кривичното дело во износ од 58.652.000 денари. Од Ефтимовски, како што рече Маневски, се конфискувани семејна куќа во општина Јанковец и вила во Претор, која е одземена од трето лице на кое осудениот му ја поклонил.

За случајот „Даравелски и Доцевски“, Драган Даравелски, кој во јуни 2008 година е осуден од скопскиот суд на казна затвор од седум години и Киро Доцевски на затвор од четрири години и шест месеци  за злоупотреба на службена положба и фалсификување на службена исправа, со конфискацијата им се одзема имот во висина од 103.575.167 денари, кои треба да ја вратат во државниот буџет, додаде министерот за правда. Од Даравелски одземени се стан во центарот на Скопје од 119 метри квадратн, деловен простор во Куманово, а од Доцевски стан во Куманово од 74 метри квадратни.

Од Борко Марковиќ, кој во декември 2009 година од Основниот суд Скопје 1 е осуден за перење на пари изречена му е мерка „протерување на странец“ и одземен му е износ од 10.901.514 денари, кои се уплатени во Буџетот на Република Македонија.

Во ноември 2008 година во скопскиот Основен суд 1 обвинети се Љимани Зуријет и Андријана Ѓорѓиоска за „трговија со малолетно лице“, при што се осудени на затвор од по пет години.

- Од осудената Ѓорѓиоска е одземена кафеаната „Бравос“ во Гостивар, а од Зуријет угостителски објект во тетовското село Палатица, кои се користени за извршување на кривичното дело, рече Маневски.

Со измените во Кривичниот законик, како што додаде, е воведено покрај имотна корист да се одземаат средствата, предметите, превозните средства, хотели... кои послужиле за извршување на кривичното дело.

Во Основниот суд Скопје 1 во ноември 2007 година осуден е Кирил Кочевски за злоупотреба на службената положба на казна затвор од шест години. - Со пресудата од осудениот е конфискуван имот во износ од 97.612.997 денари во корист на државниот Буџет, додаде министерот за правда.

За случајот „Бачило“ од февруари 2008 година осудени се 21 лице за злоупотреба на службена положба и овластување, измама, перење на пари, од осудените лица со пресудата им се одземаат поголема сума пари и недвижности.

- Од Никола Стојменовиќ кој е осуден  на 14 години затвор одземени се 4.942.249 денари, од осудениот Крсте Иловски 38.981.351 денари, од осудената Гроздана Манасиевска 12.505.321 денари, а од Иснифарис Џемаили, кој е осуден на четири години и шест месеци конфискувани се 152.349 денари, рече Маневски.

Тој додаде дека се покренати судски постапки  за поништување на хипотеките за недвижен имот од Иснифарис Џемаили во вкупен изност од 33.410.023 денари, како и за извршување на пресудата  на осудениот Никола Стојменовиќ во износ од 31.305.908 денари и за други осудени лица во овој случај, рече Маневски.

Министерот Маневски посочи дека новина во законот за конфискација на имот е тоа што нема да  се одзема само личен имот, туку и имот кој е нелегално стекнат и подарен на трето лице, доколку се докаже дека  лицето знаело дека станува збор за таков имот.

- Се лажат оние кои мислат дека ако го префрлат имотот на трети лица, ќе се спасат од тоа имотот да не им биде одземени, додаде Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk