Министерот за правда Михајло Маневски учествува на Конференција во Загреб - Последиците од членството во ЕУ врз правосудството  
     
 

10.09.2010

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска учествува на Конференцијата -Последиците од членството во ЕУ врз правосудството- во Загреб,  Република Хрватска , која е наменета за практичарите на правото – судии и јавни обвинители од  Република Хрватска,  а на која земаат учество  министрите за правда од регионот – Македонија, Црна Гора, Косово, Хрватска и Словенија.

Конференцијата ја отвори министерот за правда на Република Хрватска Дражен Бошњаковиќ, а поздравни говори одржаа претседателката на Владата на Република Хрватска Јадранка Косор, потпретседателката на Европската Комисија и Комесар за правда и човекови права – Вивиен Рединг и потпретседателот на Владата на Република Унгарија Тибор Наврацис.

 Потпретседателката Рединг подвлече дека клучните прашања кои треба да се адресираат се реформата на правосудството и борбата против организираниот криминал и корупцијата како најврвен приоритет во рамки на кој не е потребно само да се носат закони туку и да се зајакне имплементацијата на антикорупциските мерки. Борбата против корупцијата мора да се зајакне примарно поради националните интереси и граѓаните на Хрватска. Во однос на правосудството, како клучни аспекти беа споменати едукацијата и обуката на судиите и обвинителите,  јакнење на  нивните капацитети, подобрувањето на судската инфраструктура особено во делот на воведувањето на ИТ технологијата и електронското управување со предмети.

 Во воведните обраќања на конференцијата, беше посветено посебно внимание на значењето на ИТ писменоста и познавањето на странските јазици, како предуслов за успешна примена на Европското право и праксата на Европскиот Суд за Правдата во Луксембург, што претставува потврда за решенијата кои се предложени во Република Македонија во Законот за судови, Законот за Судски совет, Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители и други закони.

 Министерот Маневски, оствари неколку средби на маргините на Конференцијата, со Претседателот на Врховниот Суд на Хрватска г .Бранко Хрватин и Министерот за правда на Република Словенија, г Алеш Залар со цел размена на искуства и идентификување на областите за продлабочување на соработката.  

Министерот Маневски оствари и средба со Министерот за правда на Косово  г. Хаки Демоли, со кој беше разговарано за потпишувањето на договорите за меѓународна соработка помеѓу Република Македонија и Косово, кои се веќе во фаза на преговарање.

 Министерот Маневски оствари и средба со Министерот за правда на  Република Хрватска Дражен Бошњаковиќ, на која, на барање на хрватскиот министер, беа разменети искуствата кои Министерството за правда на РМ ги има во однос на подготовка, добивање и имплементација на проекти со Европската Комисија и конкретно ИПА, со цел да се искористат позитивните искуства на Македонија од страна на Хрватската страна.

 Во рамки  на панелите на Конференцијата, се дискутираше за практичната примена на Европското право од страна на експерти и практичари од земјите членки на ЕУ и што влегувањето во ЕУ ќе значи за секој судија и обвинител од аспект на примена на Европското право и неговата супремација врз националното право.

 

 

 

 

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk